Гугл им зарива нож во грб на медиумите

Пребарувачите и агрегаторите на вести на чело со Гугл направија империи со пренесување и сортирање на авторски новинарски содржини. Сега преминуваат на стратегија што егзистенцијално ги загрозува медиумите – нудат резиме составено со вештачка интелигенција за да обесхрабрат посета на оригиналниот извор на веста. Како курир што ја крие пораката и ја прераскажува.

Издавачите се вознемирени поради намалениот сообраќај што е пренасочен кон нивните содржини преку Гугл, откако гигантот за пребарување почна да воведува резимеа со вештачка интелигенција во Discover, главниот канал за њуз-фид во апликацијата за пребарување на iOS и Android.

Корисниците сега не ги гледаат насловите, туку само лого на издавачите на вести во горниот лев агол, проследено со резиме генерирано од вештачка интелигенција кое ги цитира тие извори.

Корисниците се предупредени дека „овие резимеа се генерираат со вештачка интелигенција, која може да направи грешки“.

Иако овој тип на резиме не е достапен за сите корисници, портпаролот на Гугл потврди дека ова не е тест, туку лансирање на проектот во САД „со фокус на трендовски теми за животен стил како спортот и забавата“.

Функцијата ќе им го олесни на луѓето одлучувањето кои страници сакаат да ги посетат, тврди Гугл.

Новинската индустрија веќе ја чувствува болката бидејќи е апсорбирана од конкурентската индустрија на ВИ. Истражување на Similarweb покажува дека глобалниот сообраќај преку пребарување се намалил за 15% на годишно ниво заклучно со јуни. Од друга страна, бројот на пребарувања на вести на интернет што не резултираат со кликнување на новински веб-страници пораснал од 56% во мај 2024 година, кога беше лансиран AI Overviews, односно на речиси 69% заклучно со мај 2025 година. 

Нилај Пател од The Verge дефинира „Google Zero точка“, во која Гугл целосно ќе се откаже од пренасочување сообраќај до публикации и ќе активира вештачка интелигенција да одговара на сите прашања и потреби.

Оштетени се и корисниците, на кои им се нуди преџвакана содржина со непочитување на точноста, авторските права и приходите од медиумите.

Работата ја влошува тенденцијата на технологијата да халуцинира факти. AI Overviews често ги заведува корисниците и дава збунувачки одговори што може да изгледаат како да се извлечени од паралелен универзум, забележува Futurism.

18 јули 2025 - 10:48