Уште од минатото лето, Федералната комисија за трговија го истражува работењето на Гугл заради можно монополско однесување, што според Њујорк Тајмс е еден од сигурните предзнаци дека против Гугл ќе биде покрената анти-монополска тужба.
Без разлика колку Гугл изгледа моќен во моментот, ваква тужба може да биде разорна за неговиот бизнис.
Микрософт останува пример за тоа што може да ти направи ваква тужба. Во 98-ма министерството за правда го започна процесот против компанијата на Гејтс. Неколку години подоцна, постапката заврши со релативно безопасна спогодба, која имаше далеку посериозни нус појави.
Микрософт стана срамежлив, спор и се плашеше да се натпреварува. Обвинувањата му ја уништија репутацијата, додека заради судската битка го изгуби фокусот.
Кога целата работа заврши во 2004-та, Микрософт се најде во нов свет. Интернет пребарувањата завршија кај Гугл, Епл ја зграби онлајн музиката, а Фејсбук ги измисли социјалните мрежи.
Во меѓувреме, Микрософт никогаш не успеа да ги освои овие позиции.
Во евентуалната тужба, Комисијата ќе сака да докаже дека Гугл контролира две третини од сите интернет пребарувања во САД, и дека ги има наместено резултатите од пребарувањето за да им наштети на конкурентите.
На страна тужбата Гугл се наоѓа на сериозна пресвртница во своето постоење. Неговиот основен бизнис, интернет пребарувањето, е направен за интернетот во 1996-та, кога се беше отворено. Денес Фејсбук има 900 милиони корисници до кои Гугл никако не може да стигне, а Епл ги промовира апликациите до кои Гугл исто така нема пристап. Втората голема мака на Гугл се социјалните мрежи, поточно неговата неспособност да се справи со Фејсбук на ова поле.