Точно пред една година се обелодени една од најзначајните купуванки во интернет секторот, кога гигантот Фејсбук реши да даде една милијарда за ветувачкиот сервис за споделување фотографии Инстаграм. Конечната сума (кеш+акции) испадна нешто помала, 715 милиони, бидејќи акциите на Фејсбук се урнисаа пред финализирање на договорот. Сепак, тоа беше сума далеку над пазарните проценки на вредноста на Инстаграм, па многумина тврдеа дека со тоа Фејсбук сака да катализира еден нов технолошки меур.
По многу метрики, Инстаграм мина импресивна година под капата на Фејсбук. Кoга се продаде имаше 30 милиони, денеска има над 100 милиони корисници кои секојдневно дигаат по 40 милиони слики. Бројот на вработени во компанијата е удвоен, имаат нов извршен од ФБ и слично.
Но, ваквиот раст го нема кај парите. Компанијата не заработува и не зборува за стратегии за монетизирање на моделот иако ЦЕО-то Кевин Систром рече дека главна цел е Инстаграм да стане самоодржлив бизнис.
Финансиската помош од моќниот старател го штити Инстаграм од бизнис притисоци и засега компанијата функционира под лагодното "да видиме што ќе испадне" стратегија.
Судејќи по искуството на ФБ, Инстаграм веројатно ќе тргне по истиот пат: реклами кои ќе се појавуваат во инстаграм фидовите.
Досегашните обиди да се види некоја пара од работата наидоа на лош одѕив: во декември, цела интернет заедница рипна кога Инстаграм најави можност за промена на правилата на користење на фотографиите за адвертајзинг, без компензација.
Потоа компанијата објаснуваше дека намерите не и биле разбрани добро.
Корисниците нејќат ама компаниите веќе го пикираа Инстаграм како пожелна маркетинг алатка. 59 од 100-те најсилни брендови сериозно го користат секојдневно. Пепси на инстаграм сметката на Бијонсе, на една фотка "ќари" 320.000 лајкови. Леброн Џејмс и Никол Ричи исто така шверцуваат фотки за продажни цели.
Засега, најголемата предност на Фејсбук во врска со Инстаграм е што – го има Инстаграм. Да не го купеше на време, сега тој ќе беше или незгоден ривал или пак ќе беше купен од некој од незгодните ривали како Твитер, кој своевремено понуди 525 милиони за него.