Ајде групно да се разочараме од платата

Од Твич видео-платформата на која луѓе се снимаат како играат видео и други игри деновиве протекоа платите на најплатените стримери на платформата. И што да гледаш, милиони.

Најдобро платениот стример на Твич заработил речиси 10 милиони долари во периодот од август 2019 до октомври 2021. Вториот за истиов период заработил 8,45 милиони долари.

По нив има тројца што се во рангот од 5 милиони, четворица во рангот од 3 милиони долари, и потоа од 9-то до 25-то место сите се над 2 милиони долари со заработувачка. Од 26-то до 81-во место се рангот на 1 милион долари, а од 82-ро до 100-то паѓаат од 994 илјади до 886 илјади долари.

Ова се само парите што стримерите ги заработуваат од Твич преку претплати, донации преку платформата и подароци. Во сумата не им се пресметани парите од зделки со брендови, спонзорства, продажба на производи и донации преку Пејпал.

Овие првопласираните на листата со 9,62 милиони долари, Критикалрол, се група стримери кои играат „Данџнс енд драгонс“ и нивен просек на заработувачка само од Твич е околу 356 илјади долари месечно.

7 октомври 2021 - 10:22