Линда Билмс, виш предавач по јавна политика и експерт за јавни финансии на Школата Кенеди на Универзитетот Харвард, го смета за големо потценување соопштението од Пентагон дека војната против Иран во првите неколку дена чинела 11,3 милијарди долари. Објаснува дека таа сума главно се однесува на секојдневните воени трошоци и дека реалната директна штета за Американците е многу повисока.
Според Билмс, секој ден од војувањето чини по 2 милијарди долари, но и тоа е само „врвот на сантата мраз“.
Според моите пресметки, тие први неколку дена чинеле најмалку 16 милијарди долари. Трошиме муниција со извонредно брзо темпо. Само во првите четири дена од војната испукавме повеќе проектили од системот Патриот отколку што ѝ дадовме на Украина во изминатите четири години, објаснува Билмс.
Таа додава дека војните секогаш носат дополнителни трошоци за даночните обврзници, кои во случајот на Иран се поради долгата блокада на Ормускиот теснец и уништувањето на инфраструктурата.
Проектираните долгорочни штети се загрижувачки, пред сè поради зголемувањето на буџетот за одбрана, кое може да биде трајно.
Претседателот предлага зголемување на буџетот за одбрана од приближно 50%. Ако се усвои во целост, тоа би ги зголемило трошоците за одбрана на ниво од околу 20% над историскиот врв, достигнат за време на Втората светска војна, вели Билмс.
Дури и ако Конгресот не го одобри зголемувањето во целост, многу е веројатно дека основниот буџет за одбрана би бил оптоварен со најмалку 100 милијарди долари годишно.
Сигурна сум дека ќе достигнеме 1 билион долари за војната во Иран, додава економистката од Харвард.

Меѓународниот монетарен фонд вчера предупреди дека ако војната набрзо не запре, светот ќе навлезе во глобална рецесија.
Војната веќе создаде поголемо нарушување на глобалните енергетски пазари отколку нафтената криза од 1973 година. Ако нарушувањата продолжат до идната година, дури и откако САД и Иран постигнаа кревко примирје, светскиот економски раст во 2026 година би можел да падне на околу 2%, на ниво на најдлабоките кризи, изјави главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас.
ММФ претстави три проекции за 2026 година. Во најдоброто сценарио, ако војната заврши во текот на оваа година, а цената на нафтата биде а нивото од околу 100 долари за барел, глобалниот раст би паднал на 2,6%, а инфлацијата би се зголемила на 5,4%. Во најлошото, пак, ако војната продолжи до идната година, а цената на барелот биде трицифрена, глобалниот раст би бил 2%.