Економисти математички докажаа:

Вештачката интелигенција ќе ја уништи економијата

Во трудот „Стапицата на отпуштањата заради вештачката ибнтелигенција“, двајца американски истражувачи математички моделираа како брзата автоматизација со помош на вештачката интелигенција води кон кон економски колапс. Секоја компанија со најрационални мотиви ќе влезе во ВИ трката зашто ако таа не влезе, другите ќе влезат и ќе ја уништат. Но кога сите ќе се фатат за тоа оро - проблем.

Кога компанија заменува работник со вештачка интелигенција, таа прави 100 % заштеда на плата. Но, отпуштениот работник истовремено  е и потрошувач – а без плата, со што ќе купува?

Губењето на побарувачката на стоки и услуги се шири низ целата економија и ја сносат сите фирми заедно, но тоа навидум не го засега конкретниот работодавец: ако во неговиот бизнис има 20 конкуренти, неговата компанија трпи само 1/20 од штетата што самата ја создала.

Затоа секој рационален извршен директор има математички стимул да автоматизира што побрзо. Резултатот е верзија на класичната „Дилема на затвореникот“: ако ти не автоматизираш, конкурентите ќе го направат тоа и ќе те уништат со пониски цени.

На крајот, фирмите „автоматизираат до бесконечна продуктивност и нулта побарувачка“. 

Истражувачите од Пенсилванија и Бостон, Брет Хеменвеј Фалк и Гери Цукалас заклучуваат дека повеќе конкуренција и „подобра“ ВИ ја забрзуваат и влошуваат кризата а ги тестирале и популарните предлози за решение:

  • Универзален основен доход - го подигнува животниот стандард, но не го менува стимулот на фирмите да отпуштаат.
  • Преквалификација - не го елиминира вишокот на автоматизација.
  • Капитални даноци, учество на работниците во профит, доброволни договори меѓу фирми - сите пропаѓаат математички.

Според нивните пресметки, единственото чаре е тн. Пиговијски данок (за штети настанати од трети страни) со кој компаниите ќе се натераат да ја платат штетата што ја создаваат врз побарувачката пред да заменат работник со ВИ. Приходите од данокот би можеле можат да се користат за преквалификација.

Трудот предупредува дека политиката не треба да се фокусира само на последиците од отпуштањата, туку и на стимулансите што ги поттикнуваат отпуштањата.

Иако ова е теоретски модел а не пророштво, математиката покажува јасен механизам: рационалното однесување на секоја фирма поединечно може да ја одведе целата економија кон самоуништување – освен ако не се воведе снајперски прецизен данок.

The AI Layoff Trap (пдф) - овде

17 август 2026 - 11:57