Личниот годишен финансиски извештај на Трамп покажува дека како претседател во 2025 година заработил речиси двојно повеќе пари отколку во 2024 година, кога пријавил приход од над 600 милиони долари.
Највисока добивка од 635 милиони долари лани остварил од авторски права од меме-монетата „$TRUMP“, која ја лансираше неколку дена пред да се врати во Белата куќа, иако нејзината вредност оттогаш падна. Пријавил и приход од 800 милиони долари од зделки на Ворлд Либерти Фајненшл - фирма за криптовалути основана од неговите синови и од децата на неговиот специјален пратеник Стив Виткоф. Оваа вклучува 524 милиони долари од продажба на крипто токени и повеќе од 250 милиони долари од продажба на удели во бизнисот со World Liberty.
Белата куќа негираше каков било конфликт на интереси и истакна дека Трамп ги предал сите свои бизниси во фонд управуван од неговите синови.
Ниту претседателот ниту неговото семејство никогаш не се вклучиле ниту некогаш ќе се вклучат во судир на интереси. Сите дејствија на претседателот и неговата администрација се преземени во најдобар интерес на американскиот народ, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.
Иако Трамп своевремено го нарекуваше биткоинот „измама“ и „катастрофа што чека да се случи“, по враќањето во Белата куќа се фокусираше кон криптовалути. Компании поврзани со неговото семејство почнаа да издаваат дигитални токени. Пред една година го потпиша Законот GENIUS во која истакна дека „ќе ја направи Америка неоспорен лидер во дигиталните средства“.
Новиот финансиски биланс потврдува дека приходите од криптото го засенуваат неговиот бизнис со недвижнини, кој го катапултираше меѓу милијардерите. Од својот клуб Мар-а-Лаго во 2025 година заработил 77 милиони долари, а од голф-клубот Дорал на Флорида уште 122 милиони. Од продажба на голф-палки во клубовите во Њу Џерси, Флорида и Шкотска добил уште 30 милиони долари.

Заработил и 4,7 милиони долари од авторски права од продажба на часовници, Библии, патики, парфеми и гитари со брендот Трамп.
Претседателот добил и близу 80 милиони долари отштета од разни спогодби поврзани со тужби – 16 милиони долари од ABC, 16 милиони од CBS, 24,5 милиони долари од Meta, 22 милиони долари од YouTube и 8 милиони долари од X. Белата куќа соопшти дека поголемиот дел од тие пари биле префрлени во фонд за идната претседателска библиотека на Трамп или во непрофитна организација посветена на одржување на паркови во областа на Вашингтон.
Првата дама Меланија Трамп во 2025 година пријавила приходи од 10,7 милиони долари од „договор за лиценца“ поврзан со документарецот за неа што беше објавен минатата година. Има уште 6 милиони долари приход се продажба на дигитални слики преку интернет.
Списанието Forbes сега го проценува богатството на Доналд Трамп на 6 милијарди долари - во споредба со 2,3 милијарди долари во 2024 година. Според индексот на милијардери на Bloomberg, нето-вредноста на Трамп е околу 7,6 милијарди долари.
Годишниот биланс на Трамп за 2025 година има 927 страници. За споредба финансискиот извештај на Џо Бајден за неговата последна цела година на претседателската функција беше на 11 страници.