Трамп ќе продава милиони квадрати државни канцеларии

До две-третини од канцелариите и останатиот деловен простор со кој располага американската федерална влада ќе се најдат на распродажба по доаѓањето на новата постава во Белата куќа.

Недвижниот имот на американската федерална влада кој е под управа на ГСА (General Services Administration) се проценува дека е со површина од над 34,3 милиони метри квадратни. Вашингтон пост пишува дека добар дел од овој простор е лошо одржуван и не е во добра состојба заради недостаток на финансии или пак седи празен и недоволно искористен.

Освен продажбата на имот, најверојатно ќе бидат откажани и околу три-четвртини од 6,5 милиони метри квадратни што ГСА ги изнајмува од приватни лица.

Целта на новата политика на ГСА е да се намали бројот на недвижности кој седи и се распаѓа заради недоволно одржување.

Пред воопшто да ги стави на аукција, ГСА мора овие простории прво да им ги понуди бесплатно или по намалена цена на други владини ентитети.

Процената е дека најголемиот дел од она што ќе биде продадено ќе оди со големи попусти, до 70%, што сериозно ќе удри на цените на пазарот на недвижности во Вашингтон.

23 јануари 2025 - 11:14