Судбина на моловите е да станат магацини

Американски молови кои потклекнаа поради е-комерцијата и пандемијата, добиваат нови функции и намени, како магацини и дистрибутивни центри на Амазон. Експерти проценуваат дека 50% од дуќаните базирани во молови, трајно ќе затворат до крајот на годинава.

 

Компанијата сега е во шопинг офанзива по неискористени и недоволно профитни молови иако такви набавки прави со години: меѓу 2016 и 2019 година купиja 25 мола. По правило, се работи за огромни простори: купениот мол во Луизијана е зградурина од 113.000 квадратни метри.

„Факт е дека рапидно опаѓа кешот кај моловите. Човек треба да реши дали му се исплаќа да инвестира огромни пари за да го трансформира молот за повторно да го направи привлечен. Продавање на мртов мол е многу поатрактивна опција,“ вели Винс Тибон, аналитичар и експерт за недвижнини.

Неговата компанија проценува дека до крајот на 2021 година, трајно ќе затворат околу 50% од дуќаните кои се базирани во молови.

На врат се и кредитите. Компанијата Мејсерич која управува со околу 50 шопинг-мола во САД, во февруари објави дека ќе мора да реструктуира долгови во висина од 1,5 милијарди долари. ЦБЛ пропертис, чии главни ѕвезди се Викторија Сикрет и Фут локер, во март постигна договор со банките и фондовите за репрограмирање на долг од 1,6 милијарди долари.

Од друга страна, ултра доходовниот Прајм деливери сервис на Амазон се темели на околу 100 дистрибутивни центри низ Америка во кои преку милион работници се ангажирани стоката ефикасно и брзо да биде испорачана по домовите. Некогаш се работеше за денови, сега за часови на испорака.

Пандемијата и животниот стил кој таа го наметна само го разгоре нивниот ритеил бизнис. Нето продажбата во 2020 година им беше поголема за 37% во однос на претходната година што на компанијата ѝ даде простор да инвестира 44 милијарди долари во капитални проширувања.

Не минува тоа секогаш мазно. Во Ворчестер, Масачусетс, кадешто Амазон гради дистрибутивен центар на местото на кое досега работел мол, локалната заедница се побуни изразувајќи загриженост за низа прашања: од сообраќајот и емисиите на штетни гасови, до работните услови и анти-синдикалната политика на Амазон. За да ги смират, Амазон им вети на локалците дека центарот ќе донесе најмалку 75 нови вработувања со минималец од 15 долари на час.

30 октомври 2021 - 09:05