Мрзливата Европа го преспа подемот на Индија и Кина

Економистот од „Голдман Сакс“ кој прв ја употреби кратенката БРИКС, уште пред 25 години ја предвиде улогата на земјите од развој на глобалната економска сцена. Но, во групата Г7 сè уште нема место ниту за Кина, ниту за Индија, затоа што „мрзливите“ европски нации љубоморно ги чуваат своите привилегии. Според Џим О’Нил, време е за сериозно надградување на тој систем.

Блокот БРИКС го доби своето име во 2001 година во трудот на „Голдман Сакс“ со скромен наслов „Economics Paper No: 66“, во кој беше идентификуван нов тренд на пазарите во развој. Бразил, Русија, Индија и Кина, кои во тоа време учествуваа со помалку од 10% во глобалниот БДП, беа издвоени како земји кои ќе растат многу побрзо од развиените економии на Западот и ќе имаат исклучително значајна улога во светската економија.

Акронимот се задржа, иако неговиот автор Џим О’Нил сега вели дека можеби било подобро да го нарече блокот „ИКС“, со оглед на војната и економските проблеми на Русија и честите политички превирања во Бразил.

Економски гледано, 25 години подоцна, БРИКС стана целосно зависен од Индија и Кина, кои ги надминаа дури и бројките што ги предвидовме како можни. Што се однесува до Бразил и Русија, по првата одлична деценија, нивниот удел во глобалниот БДП се врати на нивото на кое беше кога го смислив тоа име, вели економистот во интервју за Fortune.

Кумулативниот раст по жител во Индија од 2000 година наваму изнесува 246%. Во Кина достигна 554%. За споредба, во истиот период растот на САД бил 45%, во континентална Европа 30%, а во Британија 29%.

Ова е моментот на Индија, благодарение на нејзината демографија. Сега пред неа стојат јасни 15 до 20 години во кои би требало да остварува раст од 7 до 8%. А ако сериозно се зафати со реформите, таа бројка лесно би можела да достигне 10%, вели О’Нил.

Тој објаснува дека групата Г20, во кој беа вклучени Кина и Индија, заживеа поради „крајна нужда“ на седумте најразвиени економии. Индија и Кина претрпеа помалку штети од колапсот на финансискиот систем предводен од Западот и сè повеќе се вклучуваа во глобалните договори. Беа постигнати договори за глобални банкарски регулативи, но малку се направи за да се реорганизираат институциите и да им се овозможи на земјите со пазари во развој да седнат на главната маса.

О’Нил е разочаран поради тоа што европските земји љубоморно ги чуваат своите привилегии, наместо да ги искористат можностите за раст и за продлабочување на партнерства ширум светот.

Европејците се комбинација од многу мрзливи нации, премногу задоволни од себе, потсвесно сè уште колонијални и без амбиции. Франција, Италија и Германија сè уште сакаат свое посебно место на глобалната маса. Дали тоа денес е воопшто оправдано? Но, со тоа што ги заземаат тие места, тие го блокираат просторот за другите да добијат поголемо влијание, објаснува економистот.

Тој тврди дека на единствениот пазар на ЕУ не постои слободен пазар за услуги, поради протекционизмот на Германија, Франција и на сите останати. О’Нил сега основа своја аналитичка група „BRICS+ Thinking“, со цел да поттикне дијалог помеѓу Глобалниот југ и Глобалниот север.

Со оглед на проценките дека ќе продолжат и глобалната нестабилност и брзиот раст на Кина и Индија, Западот на крајот ќе мора да реагира.

Тоа ќе ги принуди оние со поумерени ставови, како и застапниците на либералните вредности, повторно сериозно да се вклучат во односите со остатокот од светот. Можеби не ви се допаѓа начинот на кој се управува со Кина, ниту пак начинот на кој Нарендра Моди управува со Индија, но мора да прифатите дека половина од светското население не сака да биде како нас. Затоа, наместо да се стремите кон свет во кој претпоставувате дека тие ќе станат како нас, или пак да се обидувате да ги присилите на тоа, едноставно прифатете ја реалноста таква каква што е, вели О’Нил.

19 октомври 2026 - 12:45