Русија ќе го создава вториот по големина нафтен гигант во светот

Русија планира спојување на нафтените гиганти што работат под нејзина контрола, што би резултирало со создавање на вториот по големина производител на нафта по саудискиот Арамко, што ќе пумпа три пати повеќе нафта од Ексон мобил.

Едно сценарио што е разговарано е државниот Роснефт оил да стане сопственик на Газпром нефт и на Лукоил. Резултатот ќе биде компанија со капацитет помала единствено од Арамко. Освен поголемиот капацитет, новиот гигант ќе може да се избори и за повисоки цени од муштерии на пазари како Индија и Кина.

Ваквата зделка ќе бара сериозен политички притисок бидејќи ниту раководството на Роснефт, ниту она на Лукоил не е пресреќно со таквиот план, плус ќе требаат сериозни финансии за исплаќање на акционерите на Лукоил.

Ставањето на Лукоил под директна државна контрола ќе значи сериозен напредок кон целосно поништување на приватизацијата на руските минерални богатства по распадот на СССР.

Од почетокот на своето владеење пред повеќе од 20 години, Путин безмилосно го реорганизира пост-советскиот енергетски сектор, дури и кога тоа значеше апсење на олигарси и преземање компании. Денес и тие малку приватни компании што се останати не смеат да работат спротивно на волјата на Кремљ.

Процената на Вол стрит журнал е дека и за Путин ваквото спојување на нафтените производители претставува закана бидејќи на тој начин премногу власт се концентрира во рацете на еден човек.

Како најверојатни кандидати за раководители на новата компанија се споменуваат Игор Сечин, првиот човек на Роснефт и долгогодишен близок соработник на Путин, и Александар Дјуков, човекот кој како ЦЕО на Газпром нефт, воведе најмодерни методи за вадење нафта кај третиот по големина производител.

11 ноември 2024 - 13:16