Скокот на индустрискиот просек Дау Џонс за 2,85% и порастот на S&P 500 за 2,51%, е втората најголема еднодневна добивка по креирањето на индексот во 2012 година. Според индексот на милијардери на Блумберг, 500-те најбогати луѓе во светот вчера заработиле 265 милијарди долари. Дваесеттемина најбогати добиле 90 милијарди.
Најголем профит од 12,8 милијарди долари остварил Марк Закерберг, бидејќи вредноста на акциите на Мета, од кои поседува 13%, пораснала за 6,5%.
Милијардерот за луксузни стоки, Бернар Арно, имал втор најголем профит со 9,89 милијарди долари. Лари Пејџ и Сергеј Брин од Алфабет добиле 9 и 8 милијарди. Најбогатиот човек во светот, Илон Маск, бил единствениот од врвот на листата што бил во минус - завчера изгубил околу 3 милијарди долари поради падот на акциите на Тесла.
Добивката сè уште не ја компензира колективната загуба на 500-те најбогати луѓе од вкупно 38,8 милијарди долари од почетокот на годината. Најмногу изгубил Лери Елисон од Оракл – вкупно 56 милијарди.
Економисти предупредуваат дека порастот на берзите може брзо да запре поради реалните закани дека примирјето меѓу САД и Иран нема да трае долго, а преговорите ќе пропаднат. По израелското бомбардирање на Либан, индексите на Dow и на S&P 500 накратко паднаа, а цената на барелот сурова нафта привремено се искачи на над 100 долари. Сегашната цена е далеку од својот врв од 118,35 долари од почетокот на војната, но е многу повисока од 70-те долари пред војната.
Рекордниот скок на богатството на милијардерите беше забележан пред точно една година, на 10 април, кога Доналд Трамп неочекувано ги откажа царините што ги најави на Денот на ослободувањето. Тогаш за само еден ден најбогатите 500 луѓе во светот заработија 304 милијарди долари.