Палантир го крие ќарот во Европа за да не плаќа даноци

Компанијата на Питер Карп и Алекс Тил, озлогласена поради производството на системи за надзор, го пријавува речиси целиот свој профит во САД, иако голем дел од приходите ги остварува во Европа, што овозможува значително намалување на даночните обврски. Палантир пријавува профит од 47,7 центи на секој 1 долар приход во САД, а во Европа вештачки ја спушта маржата на само 3%.

Европските филијали на компанијата од Флорида во 2024 година оствариле годишен приход од 440,5 милиони евра, но пријавена е значително помала профитна маржа отколку во САД, покажува извештај на CICTAR, организација која истражува како корпорациите избегнуваат плаќање даноци.

Главниот мотив за манипулациите со билансот е тоа што Palantir не плаќа федерален данок на доход во САД, затоа што претходните загуби, кредитите и одбитоците за истражување и развој го неутрализираат вкупниот приход. Единствено во сојузната држава Мериленд плаќа данок на дигитални услуги.

Разликата во прикажаниот профит помеѓу САД и Европа е драстична. Во 2025 година, американската гранка на Palantir остварила профит од 47,7 центи на секој 1 долар приход. Надвор од САД, профитната маржа е само 6,3 центи на долар. Некои европски подружници пријавиле профит од 3% од приходите.

Во Шведска, каде што стапката на данок на добивка е 20%, Palantir пријавил приход од 13,7 милиони евра во 2024 година, но профит од само 1,1 милион евра. Со тоа, даночната обврска била спуштена на само 424.000 евра.

Од друга страна, Palantir пред инвеститорите промовира напумпан профит во САД. Во извештајот за вториот квартал од оваа година, објавен завчера, компанијата на Питер Тил и Алекс Карп истакна дека приходите пораснале за 115% на годишно ниво, достигнувајќи 1,57 милијарди долари, со профитна маржа од 62%.

Извештајот, исто така, укажува на практиката на Palantir дел од платата за вработените во Британија, Шпанија и Норвешка да им ја исплаќа преку удели во акции. Тие се книжат како „трошоци за персонал“, што може да ја намали сумата за корпоративен данок.

Во извештајот на CICTAR се истакнува дека вештачките префрлања на профитот, а со тоа и избегнување на даночните обврски не се незаконски. Мултинационалните компании честопати ја намалуваат прикажаната добивка преку плаќање на подружници или други поврзани субјекти за интелектуална сопственост, заеми или експертиза.

Palantir воедно не е првата американска технолошка компанија што се соочува со надзор поради начинот на кој ги книжи своите добивки во Европа.

Во 2024 година, Европскиот суд на правдата му наложи на Apple да ѝ плати на Ирска 13 милијарди евра заостанати даноци. Amazon водеше спор со Европската комисија поради тврдењата дека добил незаконска даночна предност од 250 милиони евра во Луксембург – случај што компанијата на крајот го доби. Microsoft се соочи со испитување на работењето на својата ирска подружница, која избегна плаќање милиони кон државата откако се пријави како даночен резидент на Бермудите.

5 август 2026 - 11:13