Нвидиа стана поскапа компанија од Епл

Производителот на чипови, Нвидиа за прв пат го помина Епл по пазарна вредност и стана втората по вредност јавно тргувана компанија во САД откако ја надмина границата од 3.000 милијарди долари.

Зад рекордната вредност на Нвидиа стои довербата на пазарот на акции дека компанијата ќе има клучна улога во ширењето на вештачката интелигенција, чиј напредок моментално, барем хардверски, зависи од нејзините чипови.

Се проценува дека компанијата држи речиси 80% од пазарот на ВИ чипови за дата центри, кои привлекуваат инвестиции од милијарди долари.

Единствена компанија со поголема вредност од Нвидиа е само Микрософт чија пазарна цена е 3150 милијарди долари.

Откако во мај го објави извештајот за заработувачка во првиот квартал од годинава, акциите на Нвидиа се пораснати за 24%. За споредба, вредноста на акциите на Епл годинава е порасната за само 5%. Епл беше првата американска компанија која ја проби границата на вредност од 1.000 и 2.000 милијарди долари.

Во последниот квартал приходите на Нвидиа од продажба на дата-центри, тука вклучувајќи и ГПУ, пораснал за 427% во споредба со претходната година и достигнува 22,6 милијарди долари, што е 86% од вкупната продажба на компанијата.

Вредноста на акциите на Нвидиа во последните пет години е порасната за 3290 проценти.

10 јуни 2024 - 14:31