ММТ кој прв почна

Видни ликови од новата американска левица (Сандерс, Окасио-Кортез) стануваат гласни заговорницџи на Модерната Монетарна Теорија (ММТ) по која централните банки можат да си штанцаат пари и ич да не им чуе за хиперинфлација. Од перспектива на земја која и кога фискалните узди се држат цврсто, таа земја е параспур (хинт: Мира Дизел, Мерко, 800.000 за медиуми само затоа што биле за хартија), ваквата опуштеност би изгледала страшно.

Конгресменката Александрија Окасио-Кортез инсистира Модерната Монетарна Тоерија да заземе поголема улога во политичкиот дијалог за економските прашања во земјата. ММТ е голем отклон од конвенционалната економска теорија: предлага владите кои ја контролираат својата валута, да можат да трошат слободно бидејќи секогаш можат да допечатат пари за да се вратат долговите во таа валута.

Според оваа теорија, државните трошења можат да ја пораснат економијата до нејзин целосен капацитет, да го засилат приватниот сектор, да ја елиминираат невработеноста и да финансираат габаритни програми како бесплатно здравство за сите, бесплатно високо образование, чиста енергија и друго.

Ако трошењето произведе јавен дефицит, и тоа не е проблем бидејќи државен дефицит по автоматизам зборува за суфицит во приватниот сектор.

ММТ тврди дека зголеменото трошење нема да предизвика инфлаторна спирала сè додека постојат неискористени економски капацитети или пак невработена работна сила. Само кога една економија ќе ги допре физичките и природни граници на својата продуктивност - како што е целосната вработеност - се случува инфлација бидејќи само тогаш понудата не може да ја задоволи побарувачката па цените растат. Заговорниците на ММТ тврдат дека владите можат да ја контролираат инфлацијата со одлуки за намалено трошење или пак со извлекување пари од економијата преку даночниот систем. Се разбира, традиционалните економисти имаат проблем со секоја од горенаведените точки

Замислете ги нашиве оберучке да ја прифатат ММТ. Хмм, што ли може да тргне лошо?  

* Сериозно повеќе за ММТ

2 април 2019 - 14:52