Авторите од СЕФ, забележуваат дека според некои финансиски параметри на руската економија дури и добро и оди, пример рубљата неодамна беше прогласена за најсилната валута на светот, а земјата има рекорден трговски суфицит со светот.
Ваквиот биланс не е никаква финансиска магија на Русите туку е чисто резултат на неизмерните количини енергенси кои ги продава на светскиот пазар и тоа по рекордни цени. А и кога не е Западот волен да купува нафта, на нивно место веднаш застануваат глобални гиганти како Кина и Индија, кои со задоволство, и по снижени цени, плаќаат за енергенсите.
Тоа што треба да им се признае на Русите е нивната решителност да ја откачат економијата од доларот, заради што и помалку се под влијание на промените на глобалниот пазар на кој доминира доларот.
СЕФ проценува дека болката од сите економски мерки допрва ќе почне да ја стига Русија и сериозно да ја кочи руската економија.
Проблемот со прецизно оценување на состојбата на руската економија е и затоа што од почетокот на војната Русија го блокираше јавниот пристап до официјалните владини економски статистики, заради што треба да се вадат бројки од статистиките на држави што ја санкционираат Русија. Но и тие не се баш најкорисни, бидејќи и САД и ЕУ се или пред или влезени во рецесија, па и нивните бројки се изместени.
Нивните очекувања се дека годинава руската инфлација ќе достигне 20%, што ќе ја зголеми цената на храната и основните потреби, додека платите и дополнителниот имот ќе продолжат да се намалуваат.
„Додека инфлацијата во Русија неодамна повторно се намали (на 15,9%), нејзината инвазија на Украина продолжува константно да ја зголемува инфлацијата во ЕУ и на други места - вклучително земјите во развој, каде се проценува дека дополнителни 71 милион луѓе ќе паднат под границата на сиромаштија,“ пишуваат Џон Летцинг и Минџи Сунг во текстот за Светскиот економски форум.
Според нив, моментално двете страни Русија и Украина + Западот се заглавени во „кукавица“ ситуација и гледаат кој прв ќе попушти под притисокот од инфлација и економски проблеми.