Како ултрабогатите остануваат ултрабогати

Целата тајна е да заработуваш пари, а на нив да не платиш данок, и тоа се постигнува со стратегија во три чекори: купи, позајми, умри. И за сето ова да им успее неопходни се благонаклонети банки.

Споредбата што ја прави Пропублика е дека стратегијата што ја користат ултрабогатите во САД е како да живеат на сосема друга планета во однос на сите други што плаќаат данок.

Основната разлика е дека на нормален народ му требаат приходи за да плати што било од храна до сметки, до што и да е. Бидејќи приход е нешто што се оданочува, ултрабогатите бегаат од него како од чума. Наместо од приход тие живеат од позајмица.

Првиот чекор е да купат нешто (куќа, брод, компанија...) или да наследат богатство. Се додека не продадат што било од тоа што го купиле тие не мора да платат никаков данок. Притоа е важно нивните приходи да бидат што е можно пониски затоа што секој долар се оданочува.

Вториот чекор е да одат во банка и да позајмат пари во замена за хипотека на некој од имотот што го имаат купено или наследено во првиот чекор. Кога банката ќе го прочешла портфолиото на клиентот инстантно гледа да му угоди на секој можен начин па на пример му дава заем од 10 милиони долари, со годишна камата од 3%.

Зошто некој полн пари и вработен на висока позиција би земал кредит, наместо плата? Затоа што ако компанијата во која работи / ја поседува му даде плата од 10 милиони долари, на тоа ќе треба да плати данок од речиси 37%.

Последниот чекор е нивната смрт, па откако ултрабогатите ќе умрат се активираат сите мерки што претходно ги преземале за избегнување на данок и целиот нивен имот преку мрежа на фондации и трустови без никаков надомест се префрла на нивните наследници, кои од ново го почнуваат циклусот, главно од вториот чекор.

 

8 јуни 2021 - 14:27