Како Обама, белгиските банкари и ЕУ го уништија Иран

Во рок од само една недела, иранската валута - риалот - изгуби 40% од својата вредност, што инстантно предизвика немири низ земјата. Еве како дојде до тоа.

По 30 години санкции, нафтата останува најголемиот и најважен извор на цврста валута за Иран (долари), кои пак се користат за одржување на стабилноста на курсот на риалот.

Во основа кога на пазарот ќе се појави премногу домашна валута, Централната банка ги вади доларите што ги има од извоз на нафта, го откупува вишокот риали и го стабилизира курсот. Ова го прават Кинезите, го правиме ние, го прават и Иранците (само секој по различни основи ги собира странските долари).

Проблемот на иранската Централна банка е што во изминативе неколку месеци се поклопија 3 работи кои терминално влијаеја на приливот на цврста валута во земјата.

Прво во февруари Обама потпиша нови мерки за ембарго против Иран. До сега сите трансакции за иранската централна банка кои се правеа преку банкарскиот систем на САД автоматски се одбиваа. Со новата наредба, наместо да се одбиваат, овие фондови ќе бидат запленети и замрзнати.

Второ нешто што го снајде риалот, беше одлуката на белгискиот SWIFT (Society for Worldwide International Financial Transfers) да ја прекине соработката со сите ирански банки што се на црната листа на ЕУ. Инаку, SWIFT е мрежа која на светските финансиски институции им овозможува да добиваат и испраќаат информации за финансиски трансакции.

Третата работа е одлуката на ЕУ да воведе ембарго на купување на иранска нафта. Ембаргото влезе во сила во јули годинава.

Се на се, овие мерки во август годинава го намалија извозот на иранска нафта на 1,4 милиони барели дневно, споредено со просекот од 2,5 милиони барели дневно во 2011-та. Заради ова сериозно е намален и приливот на долари за Централната банка, која полека ја губи силата за контролирање на курсот на својата валута.

6 октомври 2012 - 16:39