Јапонија и Германија ќе се осамостојуваат од Кина

Јапонија ќе даде милијарди за јапонските компании да се вратат дома од Кина. Германија пак ќе даде се од себе за Кинези да не се појават пред вратите на германските компании.

2,2 милијарди долари од рекордниот јапонски пакет за стимул на економијата ќе бидат наменети за помагање на јапонските компании да го префрлат своето производство од Кина, назад во Јапонија. Официјалното објаснување е дека коронавирусот го нарушил функционирањето на ланецот на снабдување меѓу двете држави.

Заклучокот на владата е дека производството на скапи крајни производи треба да биде вратено во Јапонија, додека производството на останатите производи да биде распределено низ различни држави од југоисточна Азија.

Ваквата предострожност следува откако увозот на производи од Кина во Јапонија, во февруари беше преполовен заради затворањето на неброени фабрики во Кина. Ова пак предизвика сериозен недостаток на секакви залихи за јапонските производители. Инаку, Кина е најголемиот трговски партнер на Јапонија.

Јапонија пред некое време објави рекорден пакет за стимул на економијата од 992 милијарди долари.

Додека ова се случува на другата страна на светот, Германија реши на домашните компании да им даде дополнителна заштита од странско преземање (од кое најпроблематично им е кинеското) додека тие да заздрават од проблемите од коронавирусот.

По ново владата ќе може да ги спречи преземањата на компании кои претставуваат „потенцијално мешање“. Ова е спуштање на прагот за интервенција, кој до сега беше поставен на „безбедносна закана“.

8 април 2020 - 12:31