
Судот смета дека преку ексклузивните договори за рекламирање со своите клиенти Гугл го прекршил Шермановиот закон против монополот со тоа што одржал монопол на два пазари во САД - генерално пребарување и генерално текстуално рекламирање.
Една од основите е што Гугл инсистирал неговото пребарување да биде инсталирано како дифолтно на сите Андроид смартфони, што според обвинителството ги спречило конкурентите да се натпреваруваат под рамноправни услови.
Аргументот на Гугл е дека корисниците можеле кога сакаат да го сменат пребарувачот, и дека тоа било лесно да се направи.
Ова е прв во серијата анти-монополски случаи покренати од федералното обвинителство против големите технолошки гиганти за кои Вашингтон тврди дека станале премногу можни и повеќе не му служат на јавниот интерес. Слични тужби веќе се поднесени и против Амазон, Фејсбук и Епл.