ЕУ се чувствува нешто храбра

Европската унија ќе бара од кинеските компании да ја префрлат интелектуалната сопственост за автомобилските батерии врз европски компании, доколку сакаат да добијат субвенции од Унијата.

Брисел спрема грантови во вредност од 1 милијарда евра за сите што ќе градат фабрики за батерии во ЕУ. Нов критериум за добивањето на овие грантови за сите не-ЕУ (кинески) компании ќе биде споделување на технолошкото знаење со европски компании. Доколку ова успее, истиот процес се очекува да биде воведен и за ЕУ субвенции во други полиња.

Овие услови, иако далеку полиберални, наликуваат на условите што сама Кина ги има за странските компании кои се должни својата интелектуална сопственост да ја споделат со кинеските компании доколку сакаат да се појават на кинескиот пазар.

Намерата на новите критериуми е и да се заштитат европските производители, кои работат под построги еколошки правила, од евтини увозни производи што повеќе загадуваат.

Очекувањето е дека со доаѓањето на Трамп, ЕУ ќе биде притисната од Вашингтон и таа да ги зголеми давачките за кинеските производи, за кинеските производители да не може да ги надоместат своите загуби од американскиот пазар на европскиот пазар.

Под притисок од ЕУ, најголемиот производител на автомобилски батерии во светот, кинескиот КАТЛ, веќе работи на отворање на своја гига-фабрика во Европа, а инвестираше милијарди евра во фабрики во Унгарија и Германија.

Ова е наспроти препораката што кинеското министерство за трговија го има за производителите на возила, да се воздржат од големи инвестиции во Европа и таму да отворат производни линии само за последните чекори од составувањето на производите.

Во меѓувреме најдобриот европски производител на батерии, шведскиот Нортволт, е на раб од банкрот и има проблем со зголемување на производството.

ЕУ исто така треба да балансира околу острината на критериумите и барањата за кинеските компании, бидејќи евентуален недостаток на батерии целосно би ја закочил нејзината агенда за транзиција кон зелени возила.

22 ноември 2024 - 12:52