Како и овде, и Хрватите се астрономски задолжени - 330.000 од нив должат повеќе од 5,3 милијарди евра - а пред една година се овозможи прогласување личен банкрот. Заради неинформираност, страв или срам, на ова до сега се одлучиле само 714 граѓани, меѓу кои и докторот Томислав Прскало.
Разводот, алиментацијата и непланираните нови животни околности го довеле овој човек во ситуација да не може повеќе да ги враќа кредитите. Банката му одбила репрограмирање на долгот, а по 7 години живот со блокирана сметка, веќе не се издржувало.
Тој прогласил личен банкрот и од тогаш живее од тн. „заштитен додаток“ од околу 500 евра, со кои вели дека добро функционира. Сепак за целосно да се ослободи од долговите, овој гинеколог ќе мора да се откаже од сè на што досега бил навикнат - да биде без автомобил, со ограничени телефонски разговори, со стара облека, и без можност за стручно усовршување.
Така ќе треба да издржи пет години, колку што трае периодот на „искушение“. Можеби токму затоа што ова не е лесно, на ваквиот процес од ослободување од долгови се согласиле да минат само 0,2% од должниците.
Најголем број од нив, 383, се од Загреб, следуваат жители на Осијек и Пула. Ваквиот мал одзив се должи на неинформираноста, а можеби повеќе на недостатокот од волја на должниците да си ја скратат чергата.
„На банкротираните би им порачал - влезете во личен банкрот ако немате недвижнини, доколку вашиот долг не може да се наплати, затоа што тоа е единствениот начин да излезете од должничкото ропство“, порачува Прскало.