Ал-Џезира објавува дека десетици босански државјани тврдат дека Хрватска ги повлекла нивните работни дозволи, ги депортирала и ги етикетирала како национална закана откако одбиле да работат како шпиони и да пренесуваат информации за муслиманите во Босна.
Тие се повикуваат на сведоштвата објавени во босански Журнал, кој пишува дека хрватските разузнавачи се обидуваат да регрутираат босански шпиони, посебно од членовите на салафистите во земјата, со цел да подметнат оружје и експлозиви во џамиите.
Во еден случај, во април 2018, хрватските разузнавачи побарале од босански салафист да пренесе торба полна оружје до џамија во централна Босна.
Пред тоа, истите хрватски разузнавачи наводно му наредиле на човекот да направи лажен Фејсбук профил во кој се велича ИСИС, и да го користи за шпионирање на муслиманите во Босна. Човекот бил избран затоа што работел во Словенија, па често минувал низ Хрватска.
Според босанскиот министер за безбедност оваа акција требало да ги потврди тврдењата на хрватската претседателка дека Босна и Херцеговина „е рај за терористите“.
Хрватските разузнавачи само потврдуваат дека разговарале со салафисти од Босна, но не и дека барале од нив да шверцуваат оружје.