Долно Јабалково е село на околу 8 километри од бугарско-турската граница. Инаку незанимливото селце со вкупно 18 жители неодамна стига до главните вести исклучиво благодарејќи на трудот на Динко Валев, расен бугарски мажјак од Јамбол.
Динко за кратко време станува херој во таблоидите откако качен на својот квад почнува со редовни патроли на границата со Турција. Наводно до сега, Динко со "голи раце" има фатено 25 бегалци. Затоа што бранењето на Бугарија од бегалските орди е макотрпна работа, тој моментално се обидува да собере доброволци кои ќе му помогнат во "лов на бегалци." До сега има собрано дваесетина луѓе.
Во целата оваа работа Динко некако успева да ги сузбие сите инстинкти и чувства кои би можеле да те навјасаат кога ќе застанеш очи во очи со престрашени луѓе кои од чисто егоистични побуди (им пречело тоа што едни сакаат да ги заколат, а други сакаат да ги бомбардираат), ги оставиле своите домови и тргнале на пат од илјадници километри.
"Сите што ги фаќаме остануваат во наши раце... Јасно е дека сакам да ги убијам, па и они мене сакаат да ме убијат, нели?" изјавува Динко во едно интервју, за во друго да каже "Ако они смеат да фрлаат бомби, тогаш смеам и јас."
Коментарот на Дојче Веле по разговорот со Динко е: "Нему сè му е кристално јасно - секој бегалец е џихадист."
Бугарската полиција не е нешто посебно возбудена околу хобито на Динко, кое според министерката е "необично." Подеднакво рамнодушни се и локалните политичари, кои објаснуваат дека Динко само сака да привлече внимание, па цело време прави глупости како возење тенк по селски пат, јавање коњ на плоштадот во Јамбол и сл.
До репортажата на Дојче Веле, во Бугарија според извештајот на граничната служба се забележани вкупно три "нелегални влегувања". Месечно низ земјата минуваат околу 1.500 мигранти, кои преку Србија го продолжуваат патот за ЕУ.