Балкану акбар

Србија, Босна, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и Романија се шест од вкупно осумте држави кои од почетокот на војната во Сирија, имаат одобрено испорака на оружје и муниција во вредност од 1,2 милијарди евра на пазарите од кои се подмируваат војните во Сирија и Јемен.

Иако претходно Арапскиот полуостров речиси и нема интерес за снабдување со оружје од централна и источна Европа, во последниве години ова се менува, а најголемите зделки се одобрени во 2015, истата година кога балканските држави се справуваат со најголемите проблеми со бегалците од тој дел од светот.

Истрагата покажала дека дозволите за извоз на оружје биле одобрени и покрај инсистирањето и стравовите на експертите во балканските влади (плус Чешка и Словачка), дека оружјето би можело да заврши кај сириската опозиција, со што ќе се прекрши серија меѓународни договори.

Дотокот на оружје започнува зимата 2012, кога дузина товарни авиони наполнети со оружје и муниција од време на ЈНА, полетуваат од аеродромот во Загреб за Јордан. Кратко по ова се појавуваат првите фотографии на хрватско оружје во Сирија. Оружјето што стига во Јордан е платено и купено од Саудијци.

Иако хрватската влада го отфрла ова тврдење, приказната целосно ја потврдува американскиот амбасадор во Сирија меѓу 2011 и 2014, Роберт Стивен Форд.

Освен Јордан, испорака се врши и во Турција, Саудиска Арабија и Обединетите арапски емирати. Сомнителното е што армиите на сите овие четири држави користат западно пешадиско наоружување, заради што стравот е дека испорачаното оружје од ерата на СССР веројатно им е за "реекспорт" кон сојузниците во Сирија, Јемен и Либија.

Според Форд, оружјето купено во Балканот откако ќе стигне на Арапскиот полуостров се пренесува до две тајни командни точки - наречени воени оперативни центри (Military Operation Centres - MOC) - во Јордан и Турција. Од овие две точки оружјето по копно се пренесува до сириската граница или воени авиони со падобрани го исфрлуваат над сириска територија. Саудијците истото ова го прават и за нивните сојузници во Јемен. За Турците и Саудијците е познато дека им имаат испорачано оружје и на исламистички групи кои не се поддржани од САД.

Во набавката на оружје учествуваат и САД, кои со воени бродови стационирани во Црното море, пренеле околу 6.500 тони советско оружје од Романија и Бугарија до Црвеното море, Јордан и Турција.

Иако нема најпрецизни бројки околу обемот на продажбата, за имање подобра претстава одлично служи изјавата на српскиот премиер, Александар Вучиќ, кој порача дека Србија дури и за пет пати да го зголеми производството на оружје, нема да може да ја покрие побарувачката.

 

30 јули 2016 - 15:25