Се сеќавам, Анте Бушиќ и Дино Микуландра, директорот и новиот главен уредник на Слободна Далмација, одеа од просторија до просторија и бараа изјави на лојалност. Пристигнаа и до Фераловата соба во дното на ходникот. Со понуда за колаборација и со приказна дека тие би сакале Ферал и понатаму да излегува во Слободна. Виктор, Боро и јас ги испративме со едногласното НЕ! Своето Не! од Загреб го испрати и Зоран. Ја набутавме сета архива во багажникот на белото Бе-ем-ве на Магањиќ и отидовме до Стефанел. Таму дојде и Хени, која веќе беше на тенок мраз на ХТВ. Уште не ни дојде ни првата пијачка, а веќе имавме цврст договор дека Ферал ќе излегува, но во - Ферал Трибјун.
Се сеќавам, многумина зборуваа дека таа пролет 1993. не е време за покренување на весник, дека е подобро да се почека есен, дека ситуацијата ќе биде нешто поповолна, дека сето тоа треба темелно да се подготви, дека не е убаво да се импровизира и да се брза, дека...
Се сеќавам, додека другите ги бистреа њусмагазинските концепти за ветената есен, ние нафрлавме идеи за првиот број, кој требаше да излезе веднаш штом го подготвиме. А нема веројатно да го спремаме цела пролет, лето и дел од есента.
Се сеќавам, Слободна Далмација сакаше да ни го земе името. Се обидела во Заводот за патенти да го регистрира како своја сопственост. Наивни, појма немаа дека веќе ја имавме извршено таа формалност. Ни се закануваа со судски тужби, ако во трафиките се појави весник под име Ферал Трибјун. Не се секиравме за заканите, имавме попаметна работа.
Се сеќавам, споивме четири маси во една соба на Шеталиштето Бачвице број 10, донесовме машини од дома и почнавме. Првиот текст за првиот број го напиша - Миљенко Смоје. А го препишав јас. Кој држел ракопис на Смоје во рака, знае и зошто. А кој не ја имал таа можност, нека жали. Тој текст ми остана еден од најдрагите кои некогаш ги вкуцав во машина. Се сеќавам почнуваше со: „Ми се ебе мене за нивниот Први мај, односно Први свибањ".
Се сеќавам на насмевката на Виктор кога ми кажа дека Чичо Сењановиќ се согласил да направи две страници, и како првиот Чичин крстозбор го читавме на глас, и вертикално и хоризонтално, и се пукавме од смеење. Се сеќавам кога Хени Ерцег го донесе првото интервју за првиот Ферал. Она што во него го кажа Слободан Шнајдер се преточи во речиси програмски наслов: „Нема да ја дадеме Хрватска така лесно!"
Се сеќавам кога Јелена Ловриќ, која тогаш ја вршеше должноста на загрепска редакција, ни ги проследи првите текстови од странство. Интервју со Ѓерг Конрад и текст на Фране Цетиниќ Петрис за новата московска хегемонија на стариот континент. А потоа од странство, поточно - од оној свет - стигна и првиот текст на Петар Луковиќ. Од Загреб Сања Модриќ и Иво Голдштајн. И од тогаш најмладиот новинар на Ферал, Небојша Тараба.
Се сеќавам кога Соња Јурјевиќ прв пат ја крена слушалката и рече: „Ферал Трибјун, повелете!"
Се сеќавам, ги спакувавме текстовите, шпигелот, фотографиите и цртежите, се натоваривме на Иван Зајц. Таму Боро и јас налетавме на шјор Иво, Ранко и дружината, а сите заедно на Дингач. Бродот одекнуваше од песна од древниот стрип Кецман варваринот, објавен во Искра: „Нека знае Туџман клети да че код нас сломит врат, јер је боље говно бити, него бити говну брат..."
Се сеќавам на чувството на слобода на ријечкото пристаниште, чувството дека од таму можеш да одиш каде и да посакаш, кое толку ни недостасуваше во отсечената Далмација.
Се сеќавам, во Нови лист добивме на располагање голема просторија, го раширивме шпигелот и тргнавме во финализација. Тука се склопија и отворените страници. Јелена Ловриќ прати интервју со фра Петар Анѓелковиќ, кој тврдеше дека во Босна се води шверцерска војна, и свој коментар под наслов „Херцеговците контра Хрватска".
Се сеќавам, Вељко Вичевиќ навраќаше на троседот, да праша дали треба нешто и пријателски да советува да преместиме по некој меѓунаслов.
Се сеќавам, во Оникс ни раскажуваше на каков трик ги избегнал сите притисоци на Туѓман да го довлече на поклонение на Пантовчак.
Се сеќавам, немаше пари за хотел, па се ставивме кај Јаша Млачиќ во станот. Што беше подобра варијанта. Затоа што со кого од хотел ќе отидеш до Бујан? И кое дете во хотелот ќе ти пее Опатијски оштарии?
Се сеќавам, вечерта пред печатењето на првиот број бевме зад шанкот на Вебанда во Опатија, со Ведрана Рудан и Љубиша Драгаљевиќ. Љубиша тогаш се сети на нашето минување низ Ријека само една година претходно. Тогаш одевме на доделување на наградата на Тенжера во Загреб и направивме веселба во Ријека. Колку е краток патот од Еспланада до илегала, се сеќавам рече некој.
Се сеќавам, понеделник во шест наутро, во ротацијата на Нови лист. Со шише Хенеси за мајсторите. И за среќа. Скокање до високиот плафон кога излегоа првите броеви.
Се сеќавам, седевме во градската рубрика на Нови лист кога влета некоја девојка и ме праша има ли некој од тој Ферал, што е тоа Ферал, сите го носат по корзо. Читај во Нови лист, и' дофрли некој. Тој ден е објавено и нашето интервју со Невен Шантиќ, во кое ја проваливме онаа на Ивиќ дека ќе бидеме прваци ако ни дозволат.
Се сеќавам дека дечкото кои ги возеше пакетите Ферал за сплитските колпортери рече дека има чувство дека вози струја во Далмација.
Се сеќавам, прво што здогледав на палубата на Либурнија беше човек кој чита Ферал.
Се сеќавам, следниот ден Виктор ми прераскажуваше сцена од сплитската Пјаца. Колпортерите кои Мартин Марача ги организирал со помош на Небојша и Ракета работеа така што сите на Пјаци држеа отворен Ферал.
Се сеќавам, беше тоа први јуни 1993.
Не се сеќавам дека некој од нас некогаш зажали што не чекавме до есен.
автор: Предраг Луциќ