Шпанска фритата

Ние имаме омлет, а Шпанците фритата!

Потребни состојки:

  • 4 млади компири (700 гр.)
  • 1 кромид
  • 4 големи јајца
  • сол
  • зејтин

Ова јадење е првото нешто што го направив по моето враќање од Шпанија. 

Тренирав одбојка 12 години професионално. Менував многу клубови во Македонија (во тоа време имаше повеќе). Како и секој спортист, и јас чезнеев да играм за странски клуб. Тренерите секогаш ме зезаа заради висината, не дека сум нешто ниска, 178см сум, но тоа не е беше доволно или не го исполнував тој услов. Не се откажував никогаш од желбата, а клубовите веќе почнаа да се распаѓаат.

Си велам ок, овде што нема пари, нема. Решив да се вработам и комплетно ги ослободив сите мисли поврзани со одбојка. И како што секогаш оди редот, она кога се откажуваш а самото ти доаѓа - ми се јавија за да играм во Шпанија. Живи радости!!! Јас надвор од форма, но нема врска, јас решавам да одам. Не беше прва лига, беше втора, па си велам и не е толку страшно. Се спакував и заминав. 

Тргната со два куфера (будала), демек да не ми текне нешто да облечам па да го немам, неразмислувајќи дека од таму ќе купам партали. Клубот беше од Палма де Мајорка. Поубаво не можеше да ми се погоди, нели?! Шест месеци на шпански остров, мераци. 

Имав проблем со јазикот. Во клуб никој не збореше англиски, а башка кога ги слушнав како зборат си реков "Кај сум бе јас?!?! Па јас знам како звучи шпански, секој ден на тв ги има! Ова не е тоа!" за да сфатам и да ми објаснат дека зборуваат на "Каталан" јазик, јазик што се употребува во регијата Каталонија. Врска нема едно со друго, јас уште толку појма немав, па решија да зборат на шпански. ЕПТЕН МИ ПОМОГНАА! Се разбиравме со мавтање раце, а најдобро ме разбраа кога ми течеше носот и им побарав "палома". Тоа ти е исто како некој странец да дојде овде и да ти побара гулаб за да си го избрише носот! Ми се утепаа од смеење, али битно се разбравме. 

Како и да е, се утепав од јадење, уживав во секоја пршута, паеља, тапас и богами фритата. Затоа денес на мени, Шпанскос фритатос.

Чекори за подготовка:

  1. Земете ги младите компири и исецкајте ги на многу тенки кругови. Во голем сад ставете го зејтинот, троа повеќе, ставете ги компирите и гледајте да бидат покриени со зејтинот.

  2. Пржете ги колку да омекнат. Да бидат пржени ама да не ја сменат бојата, да не крцкаат. Треба да бидат меки. Две минути пред да ги извадите ќе го додадете ситно сецканиот кромид. И тој треба да омекне. Со решетка за вадење извадете ги компирите заедно со кромидот и ставете ги во цедалка убаво да се исцедат и оладат.

  3. Во друг сад, скршете ги јајцата, додадете сол и убаво изматете ги. Откако компирот е оладен, додадете го во јајцето. Нежно промешајте.

  4. Во тава за пржење ставете масло, загрејте ја, но не на најјака температура. Нешто помалце од максимум. Префрлете ги компирите и гледајте секој компир да биде потопен во јајце. Покријте го садот (не целосно, нека дише малце) и пратете како се готват.
  5. Кога ќе биде скоро при крај, нема да може целосно да се испржи, одлепете го крајот од тавата. Протресете ја и треба да осетите како фритата сама се одлепува од тавата.
  6. Земете еден поголем тањир и ставете го врз тавата. Превртете ја тавата и дочекајте ја фритата на тањирот. Она што ќе истече во тањирот зачувајте го, ќе го употребиме.

  7. Во тавата додадете уште малку масло, исцедете ги течностите директно од чинијата и така наместената фритата излизгајте ја назад во тавата. Вака ќе се допржи до крај.

  8. Пржете додека долниот дел не добие убава боја. Исто како горната страна. Извадете ја во голем тањир и оставете да одмори 10 мин пред да ја служите. Можете на коцки, можте на осминки да ја поделите, можете ладна, можете и топла да ја јадете. И исто така можете директно во багет да ја ставите, како сендвич. Буен провечо!!!

Хинт:

Не користете преширока тава, поентата е фритатата да биде висока!
17 април 2016 - 14:49