Пилешко бурито

Бурито и Корона то су ❤❤

Потребни состојки:

  • големи тортиљи
  • павлака
  • ајдамер кашкавал
  • конзерва црвен грав и пченка
  • чили
  • домат
  • авокадо
  • кромид
  • ајзберг или марула
  • пилешко месо

Си се будам понеделнички, слободен ден и се мислам што да направам за јадење. Ми се јавува сестра ми, полудена, со внук ми на редовен преглед. И велам, дој ајде ќе правам бурита. Живна малце и без размислување ми одговори "доаѓаме". Влегоа двајцата како ураган, малиот плаче, му се спие, му се корне, сестра ми жива вода од с'клети, а јас лабаво си пушам цигарче и си пијам кафе. Го заспа и седна со мене. Секогаш кога сме дома седиме во кујниче. Пет луѓе да сме, сите ќе се натскаме, а кујничето е два на два. Си прави кафе и ми се врти:

- Значи, полудена сум, цело тело ме пецка, ме откорна ПМС-ов.

- Де бе па и ти, ај опушти се малце.

- Не знам што се случува, не ми било вака, не сум се осеќала никогаш вака.

Ги направив буритата, уживавме до бескрај, со м'мкање, се разотидовме и вечерта дознавам дека е најполна месечина и тие што се родени ден-два пред и по 12 ноември ужасно ќе патат. И праќам принт скрин и и велам "Не е до тебе сестро слатка, до ѕвездите е!" 

Го поминавме ретроградниот Меркур, еве сега и Шкорпијава во Mесечина, но тоа не е причина за добро да јадеме.

п.с. се осеќам ко Вики од Телма (со локните) кога читаше хороскоп и на крај ќе го кажеше клучниот збор "Совет"

Чекори за подготовка:

  1. Можев да одберам варијанта да правам скроз од почеток чили сос, но некако ми се виде многу долго и си земав веќе спремен, во конзерва. Истурете ја конзервата во тава, не мора цела и загрејте го сосот.

  2. Ставете го пилешото месо, кое претходно ќе го исцепкате и фрлете неколку кругчиња чили. Не ми се пржеше месо, па земав веќе подготвено од Тинекс. Искомбинирав бело месо со копан.

  3. Промешајте убаво и тргнете го на страна. Во голема тава ставете ја тортиљата. Намачкајте ја со павлака и изрендајте го кашкавалот.

  4. На средина, ставете од сосот, врз него слајсови авокадо, а врз авокадото ставете тенко исецкан кромид.

  5. Врз кромидот наредете слајсови домат и врз него ставете многу ситно сецкана салата. Јас имав марула, а вие доколку сакате можете и ајзберг да ставите.

  6. Поклопете го од едната и од другата страна, свртете го и печете додека не добие златна боја.

  7. Потоа, нормално, ќе го запечете од другата страна и спремно е за јадење. Буритово е врв!!! И се разбира, без пивце не е комплетно. На здравје!

Хинт:

Доколку сакате да ви биде попикантно, ставете Табаско во сосот!
9 мај 2017 - 11:55