Дали се доволни 657.461 дете за темата вакцини - аутизам?

Со екстензивна студија во Данска се испитувало дали постои врска меѓу ММР вакцината и појавата на аутизам. Наше е да ви пренесеме дека нема. Н е м а. Ама се разбира, на Фејсбук сте виделе и поинаку што тврдат.

ММР вакцината не е поврзана со зголемен ризик од аутизам, дури и меѓу деца кои се под повисок ризик бидејќи имаат брат/сестра со таа состојба, заклучува данската студија.

Секирациите за потенцијалниот линк меѓу ММР вакцината и аутизмот постојат цели две децении, по онаа контроверзна студија од 1998 година која тврдеше дека таков линк постои. Тоа што подоцна студијата беше повлечена поради деформации во методологијата и што на докторот му беа одземени стручните лиценци за антиваксерите не значи ништо пошто си имаат тие објаснувања (фармакомафија плус контрола на човештвото плус шоидае).

Ехото на таквите шпекулации, засилено од социјалните мегафони доведе до сериозно опаѓање на нивото на вакцинираност по светов, што отвори простор за појава на епидемии во неочекувани, развиени региони на светот.  

Во оваа студија биле испитани податоците за 657.461 дете. Во периодот кој бил третиран (1999-2013), на 6.517 од тие деца им бил дијагностициран аутизам. Статистички, децата кои примиле ММР вакцина имале помал ризик да развијат аутизам отколку невакцинираните. 

„Заради страв од аутизам родителите не треба да го избегнуваат вакцинирањето на своите деца,“ по којзнае кој пат ќе биде кажано, овојпат од водачот на истражувањето, доктор Андер Хвиид.

******

За компликациите од сипаници кои можат да бидат фатални, види во:

Како сипаниците убиваат 100.000 деца годишно?

За најопасниот механизам за ширење на болеста, види во:

Најголем ризик за пандемија се виралните дезинформации

5 март 2019 - 10:29