Сударот на гигантите му припадна на Рафа: Надал го разби Ѓоковиќ за полуфинале на Ролан Гарос

Најдобриот шпански тенисер и еден од најголемите во историјата, Рафаел Надал на неверојатен и убедлив начин со 3:1 во сетови го совлада бројот 1 на светската ранг листа, Новак Ѓоковиќ и закажа полуфинале со Зверев кој претходно го елиминираше младиот Алкараз.

Шпанскиот ас до голем триумф дојде после четири часа и 12 минути. Мечот започна во доцен вечерен термин на барање на сопствениците на тв права.

Рафа славеше 3:1, по сетови - 6:2, 4:6, 6:2, 6:7. Како тринаесеткратен шампион на Ролан Гарос кој е апсолутен владетел на париската земјена подлога, Надал ќе го продолжи својот марш кон титулата против Александар Зверев.

Надал со овој триумф над Ѓоковиќ кој играше топло-ладно и во текот на целиот меч не ги искористи бројните шанси да го сврти резултатот во своја корист, сега ја намали предноста на Србинот во меѓусебните дуели на 30-29.

„Да се победи против Новак има само еден начин: да играш најдобро од прв до последен поен. Ова е една од тие магични ноќи за мене“, изјави 35-годишниот Надал кој сега има 110 победи на 113 меча на Ролан Гарос во кариерата што е навистина фрапантен податок.

Србинот му оддаде признание на ривалот: 

„Надал покажа зошто е голем шампион и остана ментално снажен. Нема сомнеж дека ја заслужи победата. Беше подобар играч во најважните моменти, почна добро а јас не почнав така добро. Имав моментум во втор сет и помислив дека се вратив во мечот. Но тој беше способен да го крене тенисот на друго ниво“, искрено изјави Ѓоковиќ.

Шпанецот притоа има 20 победи и само 8 порази од Ѓоковиќ на земјена подлога (8-2 на Ролан Гарос). Надал во моментов има 21 Гренд слем по освоениот пехар на Отвореното првенство на Австралија, а Ѓоковиќ има 20 Гренд слема.

Новак катастрофално го отвори мечот и во првиот сет Рафа ја искористи индолентноста на неговиот најголем ривал во кариерата. Ѓоковиќ го отвори мечот како веќе да играле неколку часа, без претерано голема желба и енергетски слабо стоеше на „Филип Шатрије“.

Рафаел започна така што ја опипуваше снагата на Новак и кога забележа дека има простор за напад, тргна фуриозно во свој стил.

На бројните неизнудени грешки на Србинот, Надал имаше прав одговор и ги користеше сите пружени прилики за да лесно стигне до првиот сет.  

Ѓоковиќ изгуби брејк и на почетокот на втроиот сет. Спаси Новак дури шест брејк топки но Рафа беше решен да оди до крај и да му го земе поенот на негов сервис.

Во еден момент Шпанецот неочекувано почна да греши и тоа беше буквално единствено нешто што можеше да го врати Ѓоковиќ во игра. Така и беше.

Новак се врати од 0:3, ги освои следните шест од седум гема, го доби сетот со 6:4 и израмни на 1-1 за огромна радост на неговите навивачи како на арената „Филип Шатрије“, така и покрај тв екраните.

Во третиот сет гледавме апсолутно идентични сцени како од првиот. Надал мелеше како машина, Новак изгледаше мошне летаргично, незаинтересирано и како едвај да чекаше сетот да заврши. Рафаел не пропушта такви шанси кога ривалот крева бело знаме, па убедливо го освои третиот сет 6:2.

Во четвртиот, се испостави последен сет, Новак поведе 3:0 а набрзо и 5:2. Делуваше дека српскиот тенисер го најде својот ритам, изгледаше како да го стави Шпанецот во „пајакова мрежа“ и дека го имаше мечот.

Но наеднаш повторно неочекуван пад на Ѓоковиќ. Од непознати причини делуваше како аматер, правеше безбројни неизнудени грешки а најдобриот играч на земјена подлога на сите времиња тоа не го простува.

Рафа лесно освои дури три гема, израмни на 5-5 и тоа го окуражи да оди до крај. Совршено играше шпанскиот ас и го однесе сетот во тај-брејк.

А таму, во решавачките, одлучувачки моменти постоеше само еден тенисер на теренот. Притоа Надал ја имаше огромната поддршка од илјадници навивачи на трибините. Во тај-брејкот Надал поведе на невозможни 6:1 и стигна до пет меч топки. Новак спаси дури три, но кај четвртата не можеше.

Тука беше крај на драмата. Рафа Надал заслужено слави и оди во полуфинале а Новак ќе се подготвува за предизвиците кои му следат летово.

1 јуни 2022 - 07:34