Момците на Јошко Миленковски попладнево од 17 часот ќе играат против силната Холандија која е голем фаворит и вброена меѓу селекциите за самата завршница.
„Дуелот со Холандија можеби нема големо резултатско значење, но тоа е борба за престиж против репрезентација која е од самиот врв и која го има можеби најдобриот коректор на светот, Нимир Абдул-Азис, кој го постави светскиот рекорд на сервис со 137 километри на час. Ни машината која ја имаме за сервис ја нема таа брзина, па ниту на тренинзите не можеме да ја постигнеме таа брзина. Холандија не е во рангот на полската репрезентација и тоа ни дава надеж за подобар отпор, па зошто да не и позитивен резултат. Влегуваме во овој натпревар растоварени и без психолошки притисок, како и со голема поддршка од публиката, која верувам дека повторно ќе дојде во голем број да ни помогне“, изјави селекторот на Македонија.
Евентуална сензација и триумф против „лалињата“ ќе донесе и можност да се избегне силната Италија која веќе јавноста ја гледа како финалист и со Полска меѓу најголемите кандидати за титула.
Мечот Македонија - Холандија е од 17:00 часот и ќе се одигра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Од одбојкарската федерација соопштија дека интересот е голем и дека Македонија ќе има голема поддршка.