
Одамна немало таква израмнетост меѓу фаворитите за титулата во Формула 1 каква што ќе има на почетокот на новата сезона.
НОРИС ФАВОРИТ, ФЕРСТАПЕН НЕЗАДОВОЛЕН ОД БОЛИДОТ, ПИАСТРИ ОЧЕКУВА ДОМАШНА ПОБЕДА
Формула 1 со многу интриги ја почнува новата сезона. На патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн во недела ќе стартува ново шоу во Ф1.
Актуелен светски шампион е Макс Ферстапен од Ред Бул. Холандскиот возач четири сезони по ред е првак. Од 2021 до 2024-та доминира во Формула 1.
Негов тимски колега сезонава ќе биде Лиам Лосон од Нов Зеланд со кого ќе се обидат да ја вратат доминацијата на тимот на конструктори на Ред Бул. Титулата во оваа категорија минатата сезона ја освои Мекларен за кого сезонава ќе возат Ландо Норис и Оскар Пиастри од Австралија.
Најголема промена доживеа тимот на Ферари каде сензационален трансфер направи Луис Хамилтон. Седумкратниот светски шампион замина од Мерцедес и ќе вози за „црвеното коњче“ на Ферари, заедно со Шарл Леклер.
Боите на Мерцедес ќе ги бранат Џорџ Расел и неговиот нов, млад колега Андреа Кими Антонели од Италија кој би можел да биде изненадување на сезоната. Тој ќе биде дебитант и за првпат ќе вози во Формула 1.
За Астон Мартин и натаму ќе возат ветеранот Фернандо Алонсо и Ленс Строл а болидите на Алпин ќе ги возат Пјер Гасли и Џек Дуен.
Карлос Саинц и Александар Албон ќе бидат знаменосци на Вилијамс, а Германецот Нико Хулкенберг и младиот Бразилец Габриел Бортолето ќе „шибаат“ со болидот на Кик Заубер
За тимот на Хас ќе возат Естебан Окон и Оливер Берман а Рејсинг Бул за свои први возачи ќе ги има Исак Хаџар и Јуки Цунода.
КОЛКУ ТРКИ ЌЕ ИМА?
Сезонава во Формула 1 ќе се возат вкупно 24 трки. Првенството ќе заврши со последната трка за Големата награда на Абу Даби. Првата, оваа викендов во Мелбурн ќе се вози во недела рано наутро во 5 часот по македонско време.
КОИ СЕ ФАВОРИТИ НА ПРВАТА ТРКА ВО МЕЛБУРН?
Според обложувалниците, фаворити за победа на трката за Големата награда на Австрлија се Ландо Норис (коефицент околу 2.50), Макс Ферстапен (4.20), Шарл Леклер (5.00), Оскар Пиастри (6.50), Луис Хамилтон (7.00).
Кај конструкторите, Мекларен е голем фаворит со коефицент кој варира околу 1.90, втор е Ферари со коефицент 3.20, трет е Ред Бул со 3.70, а четврт е Мерцедес со 9.00 коефицент.
МАКС НЕЗАДОВОЛЕН ОД БОЛИДОТ, ПИАСТРИ ЌЕ ВОЗИ ЅВЕР ОД БОЛИД
Your all-new 2025 opening titles 🤩#F1 #AusGP pic.twitter.com/gx9hFcEbsH
— Formula 1 (@F1) March 13, 2025
Најголемиот конкурент на Ландо Норис, Холанѓанецот Макс Ферстапен (27) неколку пати напомена дека не е баш задоволен од болидот кој му го спремил тимот.
„Јас знам дека сега не сме најбрзи, но сепак, ќе биде ова многу долга сезона. Посветени сме на долгорочни перспективи“, рекол Ферстапен.
Добри шанси сезонава има и Шарл Леклер за кого некои аналитичари предвидуваат и дека е втор фаворит после Макс за победа во Мелбурн.
Интересно, откако Формула 1 се вози во Австралија, ниту еден австралиски возач никогаш не се качил на подиум на домашната трка. Сега ќе ја смени ли таа историја возачот на Мекларен Оскар Пиастри?
Тој ќе пилотира со еден од најдобрите болиди а неодамна потпиша нов договор со Мекларен и тоа при раскошни услови. До 2030-та година ќе добива 25 милиони долари годишно и тоа без учество на премии и бонуси.
Што се однесува до Хамилтон, Британецот допрва ќе треба да се адаптира на новите услови.
Сезонава во Ф1 ќе има многу дебитанти, речиси како никогаш досега: Кими Антонели (Мерцедес), Оливер Берман (Хас), Лиам Лоусон и Изак Аџар (Ред Бул), Габриел Бортолето (Заубер), Џек Дуен (Алпин).
Најискусен од нив е Лоусон кој го замени Серхио Перез во Ред Бул. Новозеланѓанецот има веќе зад себе неколку години во Ф1 но ниту една како пилот од почеток на сезона до крај, така што неговиот настап ќе биде уште една интрига.
За негов триумф во Мелбурн шансите се 65.00 според коефицент, а на младиот Кими Антонели му се дава 45.00 коефеицент.
Младите Аџар, Берман и Бортолето имаат астрономски коефиценти - по 400.000.
Што се однесува до коефиценти за шампионска титула кај пилотите, Ландо Норис е прв фаворит со 2.75, Макс Ферсапен е втор со 4.00 коефицент, Шарл Леклер има 5.50, Хамилтон 6.50 а Оскар Пиастри 9.00.
Интересно, во последните 15 години букмејкерите само четири пати згрешиле со прогнозите за светски шампион. Ландо Норис има шанси да го продолжи трендот. Кај конструкторите се очекува голема борба меѓу Мекларен и Ферари.