
Илјадници спортисти на возраст од 14 до 18 години маршираа во Јане Сандански со своите национални знамиња, носејќи ја со себе енергијата и надежите на новата европска генерација.
Беше и тимот за бегалци на EOC, на кој му беше посветено посебно внимание во духот на еднаквоста и инклузијата.
Свеченото отворање беше проследено со културно-уметничка програма, поздравни говори и дефиле на сите земји-учеснички, а атмосферата беше исполнета со ентузијазам, енергија и спортски дух.
Како домаќин, Македонија има најбројна делегација, составена од 181 спортист, кои ќе ги бранат боите на својата земја во сите категории. Македонското знаме го носеа кајакарот Кристијан Смилев и одбојкарката Матеа Поповска.
Македонија досега нема освоено медал на ЕМОФ, па надежите се дека настапот на домашен терен ќе донесе историско прво одликување.
Фестивалот официјално го прогласи за отворен претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која испрати пораки за мир, пријателство и олимписки дух.
„Игрите се симбол на младост и витештво, генератор на заедништво и солидарност, креатор на европски културен и спортски дијалог“, порача таа, изразувајќи уверување дека Македонија ќе се покаже како достоен домаќин.
„Следните седум дена, Скопје е вашата сцена. Вие ја носите енергијата, страста и надежта за она што доаѓа“, порача Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос.
Ова е најголем спортски настан организиран за млади во Македонија.
Младинскиот олимписки фестивал првпат беше лансиран во Брисел во 1991 година како летен спортски натпревар.
Фестивалот ќе вклучува 15 спортски дисциплини:
Атлетика, пливање, кошарка, баскет 3x3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.