Никој како него - рекордна 11 титула за Надал на Ролан Гарос

Рафа влезе во историјата откако по неверојатен единаесетти пат го освои отвореното првенство на Франција - во три сета беше подобар од Австриецот Доминик Тим.

Шпанецот се надмина себеси откако попладнево на стадионот Филип Шатрие со 6-4, 6-3 и 6-2 го прегази новиот талент на светскиот тенис Австриецот Тим.

Чудото од Мајорка доминираше во текот на целиот меч како од технички така и од психолошки поглед, направи брејк во првиот сет а до крај играше и со забележлива болка во левата рака.

Со овој грандиозен успех Надал останува на чело на АТП листата пред Роџер Федерер кој би можел да го врати приматот веќе во Штутгарт каде што се отвора сезоната на трева и каде ќе му биде доволно само финале.

Шпанецот од триумфалното деби на Ролан Гарос во далечната 2005 година, го освои овој турнир 11 од можни 14 пати со вкупен скор на победи и порази 86-2!

ЧУДАТА НА НАДАЛ

Рафа го освои својот 17’ Гренд Слем, 11-ти во Париз (2005, 2006, 2007, 2008, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2017, 2018) којшто го изедначи на вечната листа со Маргарет Смит која 11 пати го освојувала Австралија Опен од 1960 до 1973.

Во неговото 24. Гренд Слем финале во кариерата (114 вкупно) Шпанецот запиша нови рекорди: Сега е сопственик на 57 трофеи на земја (светски рекорд) од 79 играни, 415 победи наспроти само 36 порази.

Надал има 903 победи на АТП турот (од кои 237 Major и 86 на Ролан Гарос).

Сезонава и покрај ситните повреди Рафаел забележжа 26 триумфи на земјена подлога (вклучувајќи и две од Дејвис Купот со Шпанија). Победуваше во Монтекарло, Барселона и Рим.

Единствен пораз на „црвената земја“ доживеа од денешниот противник во финалето, Доминик Тим, единствениот противник кој го победи на земја лани (во Рим). Токму поради ова победата на Надал над Австриецот кој е осми тенисер на светот е уште поголема.

Претходно, во саботата, Симона Халем ја освои првата титула во Париз од трет обид. Романката беше подобра од Американката Слоун Стивенс со 2-1 во сетови (3:6, 6:4, 6:1).