Некои тенисери едвај врзуваат крај со крај

Додека врвните светски тенисери заработуваат огромни суми на пари, како на пример Новак Ѓоковиќ кој вчера од Австралија си замина со 2,4 милиони долари, некои од пониско рангираните, како французинката Клер Ферстен, на крајот од годината останала со само 200 евра во џеб.

Врвните тениски ѕвезди кои се дел од маркетинг машинеријата каде заработуваат милионски суми на пари и кои од елитните турнири си заминуваат со зголемено конто не е никаква новост. Но зачудуваат споредбите со нивните колеги кои речиси и да немаат есап да се занимаваат со овој спорт.

Според последните проценки само 10 проценти од околу 1800 професионални тенисери или од 1400 тенисерки, можат да заработат пристојно од тенисот. Меѓу нив секако се наоѓаат Федерер и Шарапова кои заедно само од наградите на турнирите досега заработиле околу 75 милиони евра. Тука секако не се пресметани парите кои легнуваат на нивните сметки од спонзорските договори.

На пример Марија Шарапова само од спонзорите заработува околу 20 милиони евра годишно. Случајот со нивните колеги од долниот дел на табелата е сосема поинаков.

„Играчите кои не се во кругот на најдобрите 20, честопати немаат никаков друг извор на приходи, освен оној од наградниот фонд на турнирите, вели Украинецот Сергиј Стаховскиј", 103 тенисер во светот.

Тенисерите помеѓу 90 и 100 место во светот просечно заработуваат околу 200 илјади евра годишно, оние кои се околу 150 позиција 75 илјади, додека оние кои се движат околу местото број 200, годишно кешираат нешто повеќе од 20 илјади евра.

Заработувачката е всушност очајно мала кога треба да заминат на турнир, а од тие пари треба да го одбијат данокот, трошоците за пат, храна, потоа хонорарот за тренерот и за останатите луѓе од протоколот на тенисерот.

„Без помош од семејството или од националната федерација, многу од тенисерите едвај врзуваат крај со крај. Некои од нив си помагаат со пристојните хонорари од националните лиги, како на пример Француската, Германската или Швајцарската. Со тие пари јас си го финансирам патувањето на турнирите во Австралија“, вели французиот Марк Жикел, 152 на АТП листата.

Некои од тенисерите дури и се задолжуваат за да можат да ја продолжат кариерата. Таков е случајот со французинката Клер Ферстен која е 135 на ВТА листата. Нејзината приказна е иста како на некој "обичен смртник". На крајот од сезоната заработила околу 72 илјади евра, но кога ги подмирила сметките за данок кон државата и сите останати трошоци, на сметката и останале само 200 евра.

Таков проблем нема на пример рекетот број 1 во светот, Новак Џоковиќ кој синоќа Австралија ја напушти со чек од 2,4 милиони долари. Тој минатата година само од турнирите заработи околу 10 милиони евра, а победничката на Австралија Опен Викторија Азаренка, која е прва на ВТА листата, 2012 година ја заврши со 6 милиони евра.

Швајцарецот Федерер само од настап на турнир кој не е во категоријата Гренд Слем или Мастерс, само за настап заработува по 800 илјади евра, а изминативе неколку години на турнирите во родниот град Базел заработувал по 413 илјади евра од еден меч. Неодамна на егзибиционите турнири во Јужна Америка каде одигра вкупно 6 меча, само за еден добивал по милион долари.

28 јануари 2013 - 12:35