Најдобриот македонски ракометар и еден од најдобрите десни бекови во светот ги има овие епитети не само затоа што е талентиран и успешен, туку затоа што работи напорно, ги следи иновациите во спортот и тренира помалку со поголем ефект.
По освојувањето на единствениот трофеј кој му недостасуваше во кариерата сè уште си поставува цели, а тоа е повторување на Европскиот трофеј со Барселона, како и историски пласман со Македонија на Летните Олимписки игри.
Кире верува во иднината на македонскиот ракомет и ги издвојува школите на Вардар и Металург, а сопствената во Св.Николе би ја развил по завршувањето на кариерата.
Можеш ли да ни ја опишеш 2015-та низ три незаборавни мигови за тебе?
Прво би го ставил освојувањето на Лигата на шампионите. Под број 2 Светското првенство во Катар. Мислам дека со самата надеж што имаме шанси за олимписки квалификации сигурно треба да се издвои, иако првично беше да бидеме во првите седум, но ете потоа ни се посреќи со тоа деветто место. И како трето продолжувањето на договорот со Барселона до 2017-та кое се случи во февруари.
Што може друго да посака ракометар во кариерата на кој на Википедија му изброивме 45 трофеи во кариерата?
Тоа убаво звучи кога вака ќе ме потсети некој, но јас воопшто не се оптеретувам, ниту пак го имам тоа во глава дека имам толку трофеи, а го знам. Сè уште чувствувам глад за победи и за освојување на трофеи. Долго време го посакував и работев напорно за трофејот во ЛШ во 2015-та. Се исплати човек да работи напорно кога верува во нешто. Иако се 45, овој ми е најдраг и вреди како за 450. Секогаш човек треба да си поставува нови предизвици и нови амбиции и јас би сакал да го повторам. Можеби звучи дека имам големи апетити, но тоа ме држи во живот, да бидам на едно високо ниво. Не е воопшто лесно да се повтори такво нешто, но успешните луѓе секогаш треба да си поставуваат големи цели и предизвици.
Како ја одржуваш врвната форма и на 35 години?
Секоја година излегува нешто ново. Како што има иновации во било која сфера во животот, така има и во спортот и во медицината. Мислам дека ако еден спортист ги прати тие иновации и е претпазлив, како што поминува времето може да си го продолжи векот. Порано имаше некој друг вид на тренинг, но како поминува времето се тренира помалку, а со повеќе ефект. Порано сме тренирале по три часа и сме верувале дека тоа е најдобро, но тоа не е така, ги пратам тие работи. Тоа е едно, а друга работа е што сум во еден од најдобрите, ако не и најдобар клуб во светот каде што сум опкружен со врвни играчи. За мене е потежок самиот тренинг, отколку натпреварот. Ние покрај тоа што се натпреваруваме против противничките екипи, се натпреваруваме на тренинг меѓу себе. Ако на тренинг гледаш дека покрај тебе е еден Карабатиќ, сакаш да бидеш ако не подобар, најмалку на негово ниво. Самиот позитивен притисок налага да бидеш добар. Затоа е важно да играш во добар тим со големи амбиции и едноставно си приморан да бидеш на ниво на своите колеги.
Од што се лишеше во животот за да стигнеш до ова ниво?
Од многу работи бидејќи имам интернационална кариера. Тоа што го поминале моите врсници, јас го немам поминато во текот на моите тинејџерски години, во текот на најубавите години. Додека еден млад човек од 20 до 30 години си дозволува секакви работи пред да влезе во брак па и после тоа, јас тогаш сум бил посветен се повеќе и повеќе на кариерата. Но воопшто не ми е криво и не сум единствен пример. Има многу такви примери и сигурен сум дека не постои ниту еден врвен спортист кој уживал и во едните и во другите работи. Да се успее во животот во било која сфера, треба да се биде голема жртва.
Прасечкото, сармата и руската салата ги имаше ли на твоето мени за празнициве?
Доста внимавам на исхрана, но празник е празник и традиција е традиција, така што си дозволив да чепнам што се вели, но свесно го направив тоа особено за Божиќ, за другиот ден да тренирам двојно повеќе за да излезат сите мрснотии од новогодишните празници.
Навистина ли ве мерат кога се враќате во клубот од одмор или од репрезентација?
Секогаш има некои прегледи и испитувања. Ни мерат маснотии, лактати, така што постојано сме во еден вид на постојана контрола. Со самите мерења и испитувања тие не мораат да те видат на терен, знаат во каква форма се наоѓаш.
Има ли казни?
Казни не постојат, јас сум две и пол години и не ме казниле до сега, меѓутоа ако забележат дека нешто не е во ред секако дека ќе интервенираат бидејќи гледаат дека не го правиш тоа што го очекуваат од тебе и те ставаат во втор план. Поголема казна од тоа да бидеш на клупа нема.
Колку е строго во Барселона во однос на излегување во диско, алкохол и сл?
Ако стигнеш на тоа ниво да станеш играч на Барселона и не само во Барселона, свесен си дека не треба да го правиш тоа. Тука нема некоја посебна контрола, но тоа веднаш ќе се почувствува во формата, ќе се зборува наоколу и не ти оди во прилог да правиш такви работи. Постои свест кај играчите. Ако одиме организирано, тоа е друго.
Те има и на „Камп Ноу“, често ли одиш и кој ти прави друштво кога одиш на стадион?
Иако распоредот е густ, максимално користам прилики да одам на Камп Ноу и на кошарка бидејќи кошарката ми се допаѓа како спорт. Друштво секогаш се наоѓа за добар натпревар и уживам на тие спектакли. Ми се допаѓа системот на Барселона, особено како играат фудбал и тоа го користам како релаксација по напорните тренинзи и натпревари.
Од кого научи најмногу ракомет?
Неблагодарно е да издвојам некое име. Имам голема среќа што во кариерата имав многу добри тренери. Секогаш бев на вистинско место во вистинско време. Кога бев помлад налетав на тренери кои едноставно е добро да те тренираат напорно за да напредуваш и физички и тактички. Ме тренираа тренери кои повеќе време посветуваа на тактиката и со тоа ти олеснуваат за тоа што треба да го играш. Не би можел да издвојам некој, бидејќи може некој да испуштам кој имал важен удел. Моментално сум во Барселона и го почитувам тренерот кој ми е и сигурно би го издвоил него. Но ако се навратам назад и анализирам, секако дека секој тренер имал посебна улога во мојата кариера.
Има анегдота која вели дека кога во средното училиште во Битола се мавале со топки, кога Кире ќе направел топка, некој се криел под кола, друг на дрво се качувал...Вистина ли е тоа?
Силен шут имам, но не толку силен колку што е технички. Кога бевме помлади ако немаш проблеми одиш со 150% во секој шут, па така и тогаш не си размислувал дека тоа рамо може да се истроши со многу шутирање. Сме правеле такви глупости.
Во интервју за Мундо Депортиво изјави дека најмногу им се восхитуваш на Ѓоковиќ и Меси. Што те импресионира кај нив?
Ѓоковиќ го следам, особено неговите полуфиналиња и финалиња, бидејќи претходно не е интересно и знам дека ќе победи. Кај него ме импресионира сигурноста што ја има во себе и што од загубен меч, знае да го сврти и да победи. Исто би ги издвоил таа психичка и ментална сигурност која ја има. Додека Меси е вистински виртуоз. Јас почитувам спортисти кои што се константно добри, а Меси е повеќе од константно добар. Не почитувам спортисти кои ќе направат еден блесок, ќе одиграат два, три или пет добри натпревари, една сезона и потоа никаде ги нема и се задоволуваат само со тоа. Меси е повеќе од 7-8 години во константа форма, на многу високо ниво и секогаш кај него постои една глад и не се задоволува со тоа што го направил, а има причина да се задоволи. Исто и кај Ѓоковиќ, гладен за победи. Затоа тие двајца можам да ги издвојам како еден вид на идоли.
На 40 години планираш уште да ги полниш мрежите или ќе учиш деца како да го прават тоа?
Тешко прашање. Моментално сум на врвот на мојата кариера. 2015-та е мојата најуспешна година и сега за сега не размислувам на тоа, но еден ден ќе дојде кога ќе треба да ја завршам кариерата. Јас сум повеќе од сигурен дека ќе останам во спортот, а со што ќе се занимавам сè уште немам одлучено. Сега за сега е рано да размислувам на таа тема. Ракометот за мене е живот и секако дека после мојата кариера ќе останам да работам во спортот.
Како оди со ракометната школа во Св.Николе и дали е сè уште активна?
Ракометната школа сега за сега бидејќи јас сум надвор од Македонија, е направена на едно аматерско ниво, но јас од корените каде што ми се не сакам да ги запоставам. Сакам таа традиција да се одвива, бидејќи така сум воспитан. Има 40 деца кои тренираат во пионерска и кадетска конкуренција, јас го поддржувам тој проект, а за нешто посериозно би направил по завршувањето на кариерата и по моето враќање во Македонија. Малку е тешко да правиш нешто сериозно, а да го контролираш од надвор.
Играше против РК Вардар кој две години по ред е многу блиску до Ф4. Што е тоа што според тебе им недостига да се пласираат во големата четворка?
Вардар е прилично нов проект и од година во година се сè подобри и подобри. Има многу примери и многу повеќе се инвестирало и никогаш не дошло до европска титула или фајнлфор. Ќе го дадам за пример Веспрем. На сцена се 20 години на високо ниво и никогаш не дошле до европска титула. Така што никогаш не треба да се губи надеж, Вардар функционира сериозно како клуб затоа што покрај првиот тим кој се бори за високи дострели, во позадина има и сериозна младинска школа што е многу битно за македонскиот ракомет. Значи се тренира и се работи професионално, а тоа дава сигурност дека ќе имаме екстра квалитетни македонски ракометари и тоа е добивката од тој Вардар, а Ф4 или европска титула треба да се оди чекор по чекор и кога ќе дојде време и тоа ќе се оствари. Нешто ако заслужиш, нема шанси да не ти се оствари како што јас ја заслужив европската титула. Треба да се биде трпелив, сите сакаме и сакате една македонска екипа да биде дел од фајнлфор и да се бори за европска титула, меѓутоа треба да знаеме дека има уште 10 до 15 екстра квалитетни екипи како Вардар кои истото го посакуваат секоја година и конкуренцијата е се потешка и потешка. Се промени и системот на натпреварувања каде што има повеќе мечеви и треба да се биде константно добар во текот на целата година за да го оствариш тоа.
Твоја оценка од 1 до 10 за формата на репрезентацијата пред ЕП во Полска?
Мислам дека за разлика од минатите години, добивме малку на ширина. Порано имавме 7-8, па и 9 играчи кои го носеа товарот. Мислам дека сега имаме 14-15 играчи кои во секој момент од мечот можат да влезат, да имаат своја улога и да дадат добар допринес за да го подигнеме квалитетот што го имаме и тоа е нашата предност. Сите имаме искуство, голем дел од нас играат во екстра клубови и тука ја гледам нашата шанса. Во моментов од 1 до 10 би дал една добра 8-ка.
На официјалното промо за нашата група А, претставени сме како најслаба репрезентација. Што би одговорил на тоа?
Не би се сложил воопшто дека сме најслаби. Можеби Полска е тука ставена како фаворит бидејќи е домаќин, а инаку ние со нив секогаш сме имале позитивно искуство. Со Србија мислам дека сме на исто ниво и ниту тие, ниту ние можеме да кажеме дека е некој фаворит на овој натпревар. Франција можеме да ја издвоиме бидејќи се доминантни во последните 10-15 години и во европски и во светски ракомет, но луѓе се од крв и месо и мислам дека може да се игра и против нив. Пред неколку месеци се сретнавме со нив, во Скопје бевме во егал и изгубивме во последните секунди. Треба да се биде позитивен со голем ентузијазам и со голема верба и желба и да не се дава многу важност на тие кладилничарски претпоставки и прогнози.
Со оваа генерација на ракометари, од 2009-та сме учесници на три Светски, а сега и на трето Европско првенство. Што потоа? Имаме ли стратегија и иднина во ракометот? Кои ќе бидат следните Кире, Столе, Борко, Наумче, Филип...?
Ние сме на добар пат да го оствариме нашиот сон на оваа генерација, да одиме на квалификации на Олимпијада на кои се надеваме дека би биле успешни и прв пат во македонската историја како колективен спорт да отидеме на едни Олимписки игри. Се зборува многу за тоа, тоа е добро, но треба да се оствари. Јас сум сигурен дека доколку стигнеме на тие пред олимписки квалификации, ние нема да ја пропуштиме таа шанса. Најголемиот предизвик кој го имаме во моментов и со што се преокупирани се тој пред олимписки турнир и пласман на ОИ. Инаку во однос на иднината моментално има ден вакум, но добро е што има добри клубови. Вардар и Металург 4-5 години по ред се во ЛШ, добро е што сме постојано учесници на големи натпреварувања и секој јануари се навива за Македонија, децата во тој зимски период гледаат и се раѓа љубов спрема ракометот и почнуваат да тренираат. Инаку Вардар и Металург имаат добро организирани школи и така децата тренираа ракомет на едно професионално ниво и полека но сигурно се раѓаат нови квалитетни ракометари кои во иднина ќе бидат наши репрезентативци. Не треба да се брза, но јас сум сигурен, ете и тоа што го направивме со ракометниот камп, мислам дека ќе имаме светла ракометна иднина и сите овие факти што ги набројав ми даваат сигурност дека ние ќе бидеме успешни во овој спорт и во иднина.