„Последниот танц“

Најновиот документарец за Чикаго и Џордан со рекордна гледаност

Во понеделникот на ESPN+ стартуваше првата епизода од долгоочекуваниот серијал „Последниот танц“, посветен на последната сезона на Мајкл Џордан во Чикаго и неговото културолошко влијание.

И цели 20 години по завршувањето на кариерата, Џордан и натаму го држи врвот. За да документарецот им се приближи на оние кои немале прилика да го гледаат „Летечкиот Мајкл“, потребно е да се прочуат неговите рекорди на теренот и неговото влијание врз многу генерации.

Според The Athletic, првите две епизоди од документарецот „Последниот танц“ (The Last Dance) поставиле нов рекорд на гледаност на документарни филмови на ESPN. Премиерните две епизоди за Џордан и Чикаго од '90-те го гледале во просек 6,1 милион гледачи, што е најголема гледаност во историјата на овој канал, а да не станува збор за спортски натпревар.

Претходниот рекорд го држеше филмот за спортистот Бо Џексон „Вие не го знаете Бо“ ("You Don't Know Bo“) кој сега е на второ место со 3,6 милиони гледачи.

ESPN реши да го помести прикажувањето на документарецот од јули за април, поради празнината во програмата која настана со стопирањето на речиси целиот спорт глобално.

МУ НЕМАШЕ РАМЕН

„Ако беше животно во џунгла, Мајкл Џордан просто би лежел на најголема карпа и никој не би ризикувал да го растревожи, никој не би смеел да го нападне, пишува Хаким Олајџувон, уште една легендарна ѕвезда од '90-те, во својата книга „Living the Dream“ од 1995-та.

„Повеќето суперѕвезди кога играат еден против друг на иста позиција, се неутрализираат еден со друг. Кога вие правите план за игра, сфаќате дека ако еден од нив нема генијален меч, дека сте израмнети, исходот ќе го решат соиграчите. Но Мајкл Џордан не беше можно да се неутрализира. Тој е поинаков.

Мајкл Џордан доминира меѓу суперѕвездите: неговата форма е совршена, има страшна кошаркарска основа и неговата игра е цела работа со нозе. Со неговата висина тој е „in-between“ играч. Многу играчи на таа висина се ниски крила, а тој е природен бек. Токму затоа правеше проблеми - Мајкл Џордан беше висок бек. Тој прави сè што прават бековите, дури и повеќе со неговата висина.

Тој е брз исто како и другите бекови, но поголем така што имаше предност со шут преку нив. Кога играше со против високите дечки, тој беше побрз од нив и беше многу вешт со топка, така што лесно ги проаѓаше, шутираше и беше фаулиран. Имаше и широк распон на раце. Кога се ракувате, сфаќаш дека не е бек.

 

Хаким Олајџувон

За разлика од сите претенденти за илузорното место, на Мајкл Џордан секогаш му фалела конкуренција.

На пример, на статистичките рекорди на Вилт Чембрлен одговори Бил Расел со неговите бесконечни титули.

На трипл-дабл рекордите на Оскар Робертсон одговори Џери Вест со бесконечните финалиња.

Карим-Абдул Џабар имаше неуспешни сезони и понекогаш зависеше од соиграчите.

На Меџик Џонсон одговори Лери Берд. И обратно.

На Шекил О'Нил му одговорија Тим Данкан и Коби Брајант.

И така натму.

Џордан по ред ги уништуваше сите кои му излегуваа на црта:

- Без пораз во финалната серија 1991 ја прегази и ја доведе до лудило шампионската банда на Детроит Пистонс;

- Ги расформираше до тој момент големите „Лејкерс“ на Меџик Џонсон и Џејмс Ворти;

- Го преплави со тројки Клајд Дрекслер кој го позиционираа за негов главен противник;

- Му ја уништи самодовербата на Чарлс Баркли кој мораше да му ја врачи МВП наградата;

- Ги истисна Карл Мелоун и Патрик Јуинг од редот предизвикувачи;

- Ги приморуваше на напорна работа Реџи Милер, Алонзо Морнинг, Тим Хардавеј, Шекил О'Нил, Пени Хардавеј, Шон Кемп и Гери Пејтон...

Ако Џордан дознаеше дека во џунглата се појавува нова суперѕвезда, брзаше да ја улови. Единствениот на кој горе-долу му појде од рака да му парира во тие меѓусебни дуели беше Хаким Олајџувон (во плејофот), авторот на таа метафора за џунглата.

„Мајкл сакаше да игра против најдобрите. И секогаш се стремеше да им покаже колку е подобар од нив. Таков однос имаше. Страсно се однесуваше кон ривалите, изгледаше злобно... Многу добро памтам една епизода. Игравме во Чикаго и пред мечот ни влезе во соблекувална и му кажа на Ренди Витмен: „Врзи ги добро патиките, денес ќе имаш тежок ден“. Влезе во обична гардероба, улично облечен. После тоа се прашував: „Зошто ни влезе во соблекувална и го направи тоа? Тоа збореше за неговата самоувереност“, се сеќава Доминик Вилкинс.

Џордан беше единствена суперѕвезда во НБА на кој не му требаше никој за да му помогне да ја сочува мотивацијата за да остане на врвот. Затоа два пати заминуваше од кошарката после освоените титули. 

МАНИЈАКАЛНА СТРАСТ ЗА ПОБЕДИ

„Изгледаше буквално како убиец кој излегува на терен да ве уништи и да го извади вашето срце“, рекол еднаш Дени Ејнџ, некогашен голем шампион со Бостон Селтикс, учесник на Ол-Стар и сегашен раководител на Келтите. Оваа позната фраза од '90-те години подоцна како ехо се повторуваше. Џордан стана и „кошаркарски манијак“, „убиец“, „социопат“, „доктор“.

Мајкл покажа дека во спортот не е важна само надареноста, талентот, работата и атрактивноста - најважен е духот. Најблизу до него стои Мухамед Али.