Моника Селеш – кралицата на која и беше расипано владеењето

Родена е во Нови Сад во 1973-та, родителите и се Унгарци, а во 1994-та добива и американско државјанство бидејќи се селат таму. Како дете вежбала на мрежа оптегната меѓу две коли на паркинг. На само 19 години испиша историја која се нема повторено во тенисот. Ќе ја продолжеше ако не беше тој насилник.

Непосредно пред неговата смрт во 1990-та година, тенискиот моден дизајнер, историчар и автор Тед Тинлинг, инволвиран во светот на тенисот уште од 20-те, кој ги познавал најголемите од Хелен Вилс Муди до Штефи Граф, еднаш изјави:

„Моника Селеш е најелектричното нешто што се случило во тенисот после Ленглен во 20-те. Таа го осветлува теренот и може да го погоди топчето посилно од сите тенисерки кои сум ги гледал“.

Селеш имаше тогаш 16 години и сè уште немаше освоено Гренд слем, но Тинлинг го познаваше нејзиниот тенис и со секој нејзин убиствен двоен форхенд и двостран бекхенд, тинејџерката брзо докажа дека човекот е во право.

Првата возвишена тенисерка што потклекна на моќта на Селеш беше Мартина Навратилова која на Италија опен 1990 загуби убедливо со 6-1, 6-1. Искуството го опиша како некој да ја прегазил со камион. И со добра причина, бидејќи Селеш имала само шест принудни грешки.

Еден месец подоцна Селеш стана најмладиот победник во историјата на Франција опен и тоа совладувајќи ја Штефи Граф со 7-6, 6-4. Германката освои 9 од претходните 10 Грен слем титули, а поради нејзиниот капацитет на белите дробови, научниците и предвидуваа долги шампионски денови.

Но Селеш не се исплаши. Нејзините силни враќања при сервис и зачудувачката ментална моќ, уште една од нејзините многу вештини, беа клучни во првиот тај брејк за да ја добие славната противничка.

Наскоро, победите и станаа втора природа. Во периодот од 1991-ва до 1993-та, Селеш освои 7 од 8 Гренд слем турнири на кои настапи, со скор од 55 победи и само еден пораз и со таа форма стигна до 33 финалиња од вкупно 34 турнири. Неверојатно.

Потоа во еден од најшокантните моменти во историјата на спортот, 19 годишната тенисерка беше прободена со нож во вратот од страна на навивач на Граф за време на меч во Хамбург.

Никогаш повеќе не беше истата, а како и да биде кога паузираше со тенис повеќе од две години. Кога се врати на терен, се чувствуваше како да се вратила на местото на злосторот.

„Пораснав на тениското игралиште, тоа беше местото каде се чувствував најбезбедно, но тој ден сè ми одзема. Мојот ранг, моите приходи, сè“, изјави Моника во 2009-та.

Голема тежина плус после тој грд настан беше тоа што ја погоди депресија, па и беше дијагностицирано и пост трауматско стресно нарушување. Згора на сè, на нејзиниот татко кој бескрајно долго ги гледаше нејзините удари на паркинг кои како дете ги вежбаше на мрежа оптегната меѓу две коли, му беше откриен рак.

Во нејзината автобиографија таа зборуваше и како почнала да трепери по чоколадо, сладолед и друга исхрана од која се здебели откако се врати на турнејата во 1995-та.

Сè уште беше одлична и по кам бекот освои Гренд слем титула во 1996-та, како и бронзен медал на Олимпијадата 2000, но повеќе не успеа да стигне до истите дострели.

Ако тркалата во историјата се вртеа во поинаква насока, лесно ќе можевме да зборуваме за Селеш како најуспешна тенисерка на сите времиња. Статистички таа беше најдобра тинејџерка во историјата, бидејќи осумте Гренд слем титули ги освои само еден месец откако наполни 19.

Во тој контекст нејзиниот најблизка ривалка, Штефи Граф освои шест до нејзините 20 години. Маргарет Корт имаше четири, Крис Еверт два, сестрите Вилијамс вкупно една, а Навратилова нула.

Кој ли ќе ја спречеше Селеш која со тој просек на освојување титули, во следните шест или седум години можеше да го стигне рекордот на Корт од 24 Гренд слемови?

Единствениот дел од играта која требаше да го засили и заостри беа волеј ударите. На пример, кога ја победи Навратилова на Вимблдон во 1992-ра, имаше само еден добиен поен со волеј, но тоа не е важно со оглед на другите статистички податоци.

Таа година кога стигна до финале британските таблоиди се шегуваа на нејзина сметка поради викањето кога го удира топчето, па дури имаше и ваков коментар:

„Жал ми е за соседите на Моника на нејзината прва свадбена ноќ“.

Замислете како е да се чуе тоа кога сте тинејџер?

Моника Селеш ја заврши кариерата рангирана на осмото место на листата на Гренд слем освојувачи, а Навратилова во тој контекст изјави:

„Да не се случеше ужасниот инцидент, ќе зборувавме за Моника со најмногу Гренд слем титули. Тој човек без сомнение го смени текот на тениската историја“.

Тешко е да се зборува на таа тема, но едно е сигурно. Кога беше на врвот имаше динамит на жиците и мраз во вените и несомнено беше оригинална кралица на тенисот.

Виа

3 јули 2020 - 13:50