Малиот Михајло кој Новак го спрема да биде шампион

Реномираниот Sports Illustrated раскажува за осумгодишниот Михајло Топиќ - малиот другар и ученик на Новак Ѓоковиќ.

Августовска вечер, над земјениот терен на белградскиот Тениски Центар Новак се вклучуваат рефлектори. На клупата на 11. терен стоел рекет Head, на кој на кирилица рачно било напишано: „За Михајло од Новак. Ја сакам твојата насмевка. Среќен роденден!“

Осумгодишниот Михајло Топиќ тогаш го освоил првиот сет од спаринг мечот против дете кое било минимум пола глава повисоко и две години постаро. Резултат - 6:1. Малиот Михајло тргнал кон клупата и како професионалец се напил неколку меки голтки сок од портокал а потоа подолго пиел вода.

Михајло е млад српски талент кој има поддршка од Новак Ѓоковиќ. 12-кратниот победник на Гренд Слем решил во најтешкиот период од својата кариера да се посвети на јуниорскиот тенис и тоа во време кога неговите сонародници се појавуваат се помалку на тенискиот врв а балканската земја раѓа нови ѕвезди.

Целата приказна почнала пред две години на еден од терените во Центарот на Новак кога Михајло отишол да гледа еден тренинг и на српски прашал постар чичко дали може да удира малку по топчето? Чичкото отпрвин не сфатил но кога мајка му на Михајло, Нина Топиќ превела - тој се согласил.

Кога видел каква координација и каков маестрален удар има малиот, човекот се фрапирал. А малиот Михајло не знаел дека тој човек е Марјан Вајда - поранешниот тренер на Ѓоковиќ кој го направи шампион и работеше со него цели 11 години!

„Никогаш не сум видел вакво нешто. Тој ќе биде иден шампион“, се сеќава Нина Топиќ на првите зборови на Вајда.

Следниот ден Михајло играл против Ѓоковиќ кој тука тренирал. Се сретнале уште неколку пати а во 2016 била договорена и спонзорска соработка.

„Михајло е понапред од децата што се 2-3 години поголеми од него. Новак беше таков. Се укажува дека во иднина малиот може да биде многу добар. Но рано е да се зборува. Прво треба да порасне, па да игра турнири и тогаш ќе видиме од што е скроен“, вели еден од селекторите на српската репрезентација, Драган Шерер.

Во тенискиот клуб Михајло го викаат „малиот Ноле“. Тренира пет дена во неделата по два часа а редовно и спарингува. По совет на таткото на Ѓоковиќ, Срѓан, Михајло не би требало да игра турнири пред 10 години. Срѓан вели дека подоцниот старт му дозволил на син му да созрее и да биде спремен на немилосрдниот притисок.

Тренерот на Михајло, Павле Булиќ бил поранешен професионален тренер кој вели дека малиот ги упива сите удари кои ќе ги види и сака да учи.

„Ако му дозволиш, Михајло ќе остане на терен по 10 часа и на пеколни горештини и на дожд. Не се случило тој да сака да завршиме со тренинг. Секогаш мора да го бркам од теренот за да не прегори“, раскажува Булиќ.

Михајло има светла коса и кафеави очи, висок е 130 сантиметри со тенденција да порасне уште многу.

„Дури и кога не игра тенис, тој ’игра тенис’ - собира топчиња, пешкири, рекети, оди во соблекувална, зборува како ќе оди на US Open, во Пекинг, Шангај. Секогаш го гледа Ноле. Еднаш зема и микрофон да дава интервју“, додава мајката на талентираното дете.

И покрај тоа што Србија важеше за тениска сила, оваа земја со околу 7 милиони жители има значаен пад во официјално регистрираните тенисери. Според податоците на Српската тениска федерација бројката опаднала од 5.000 регистрирани во 2007-ма до 2.000 во 2017-та.

Селекторот Шерер вели дека проблем генерално е економската криза и миграцијата поради која населението е скратено за пола милион луѓе. Работа со тренер, изнајмување термин на терените, спортска опрема - сето тоа чини речиси пола од просечната заработка на годишно ниво во Србија или околу 4.800 евра.

Тениската федерација на Србија финансиски ги поддржува најдобрите јуниори со од 2.000 до 20.000 евра секоја година а во таа група спаѓаат обично 30-ина деца. Шерер вели дека тоа е мала сума и дека за борба на меѓународно ниво треба да помогнат државата и спонзорите.

Во развој на талентот на Михајло се впуштил и татко му, 190-сантиметри високиот Ненад Топиќ кој ја оставил работата инженер за да може да му се посвети на малиот со тенисот и школото.

„Искрен да бидам, не сакав да влезе во тенискиот свет. Највеќе од се сакав да не го изгуби детството“, признава татко му Ненад.

Тој вели дека гледал неколку јуниорски турнири во Белград и дека родителите се многу неискрени со своите деца, се расправаат со судиите пред децата, лажат за опремата и сл. Топиќ сакал син му да игра кошарка каде резултатот помалку зависи од индивидуалецот.

 

#return 😀

A post shared by 🎾🎾🎾🏆🏆🏆 (@topic_mihailo) on

„Сите тврдат дека бил невиден талент и ми викаат дека немам права да му се мешам“.