Лејла, Лили и Лина

Не се секирајте не гледате тродупло. Ова е триото кое стигна до Рио. Првите три близначки во историјата кои ќе настапат на Олимпијада и за кои почнаа шеги меѓу фановите околу тоа како ќе ги разликуваат кога ќе стигнат на финишот од трката.

Лејла, Лили и Лина се сестри на иста возраст, со иста фризура, имаат ист чекор и ист дрес, оној на Естонија. Ќе се натпреваруваат во атлетика на трката од 42,195 километри и веќе се хит на социјалните мрежи под хаштагот #TrioToRio..

Симпатичните плавуши немаат освоено медал бидејќи нивното досегашно време на 42 километри и 195 метри не го дозволува тоа. Најдоброто време на Лина и Лили е 2 часа 39 минути и 42 секунди кое го остварија на Светското во Пекинг каде Лејла не настапи поради повреда. Побрзи од нив како сестри се Ким Ху Гјонг и Ким Ху Сонг од Северна Кореја кои на маратонот на свој терен во Пјонгјанг во 2014-та беа на прво и второ место со 2.27.05 и 2.27.58.

Пласман на Олимпијадата во Рио обезбедија на преку квалификациите во Хамбург оваа година. Лејла истрча со време од 2.42.11. што не е резултат за воодушевување бидејќи нејзиниот личен рекорд е 2.37.11.

Секоја земја има право на три маратонки, а подобри од нив во Естонија нема. Родени се во Тарту, вториот по големина град во Естонија од 95.000 жители на 14 октомври 1985-та и не личат за 30 години. Како мали оделе на танцување, па на пливање, а од 2009-та прва меѓу нив почнала посериозно со трчање да се занимава Лина. Следната година почнале да тренираат сите три.

Во 2011 година Лина стана шампиони во својата земја на 10 километри и на полумаратон, а Лејла на маратон и со резултатите кои ги подобруваа почнаа да работат на проектот „Трио во Рио“.

На Европското во 2014-та беа хит за јавноста и новинарите кои постојано ги бараа за интервју. Лина заврши 29-та, Лејла 43-та, а Лили 47-ма.

„Нашите родители не прават разлика и навиваат за сите три на ист начин. Исто и ние си даваме кураж, навиваме една за друга пред се кога тренираме. Потоа на трка сме противнички, секоја за себе“, рече Лина на квалификациите во Хамбург.

Весник од Уругвај за нив извади комичен текст во кои пишува дека Лејла, Лили и Лина имаат погрешна стратегија што се пријавуваат сите три на квалификации. Доволно е да оди само една и ако се квалификува на Олимпијадата, потоа ќе трчаат сите три, а до медал ќе стигнат на многу лесен начин со тоа што трката од 42 километри ќе ја поделат на три дела, за секојa по еден.

Најава за нивната трка

Што јадат

12 август 2016 - 15:35