Како Македонец од Струмица ги насамари Серена Вилијамс и БиБиСи

Во пресрет на претседателските избори во САД, на големо се зборуваше за лажните вести за потребите на еден од кандидатите кои се штанцаат во Велес. Приказнава што следи е нешто поневеројатно.

Минатиот месец се одигра можеби најконтроверзниот Гренд Слем во последните неколку децении.

На Австралија Опен во Мелбурн, тениските легенди Били Џин Кинг и Мартина Навратилова изјавија дека тие би одбиле да играат на теренот именуван по Маргарет Корт (некогашна најдобра тенисерка од Австралија), затоа што Маргарет пред турнирот имала хомофобични и трансфобични ставови. Но активните тенисери кои дојдоа на првиот најголем спортски турнир на почетокот на секоја година, не се решија да ги послушаат Навратилова и Били Џин Кинг (една од најголемите американски тенисерки на сите времиња).

Контроверзноста се распали кога се откри Твитер сметката на американскиот тенисер (пази име) Тенис Сандгрен каде тој има преку десетици постови во кои отворено шири омраза против имигранти и против геј заедницата. За него пишувавме тука.

Но еден нов глас ја прекинал тишината меѓу светските тениски ѕвезди. Извесен Дарко Грнчаров од Струмица напишал на Твитер дека наводно е бесен од ставовите на Сандгрен (стигна до полуфинале на Australian Open). Младиот Струмичанец го нарекол Сандгрен идиот поради ставовите.

Грнчаров, 20-годишно момче од земјава исто твитнал и дека тој отворено би одбил да игра на стадионот Маргарет Корт Арена затоа што нејзините ставови биле „тотално неприфатливи и одвратни“.

Таквиот „став“ му донел брза слава на Грнчаров на социјалните медиуми и тој ја повел битката. Се претставил како тенисер од Македонија а брзата фама стигнала и до најпопуларното радио на свет, британското БиБиСи за кого дал 9-минутно интервју.

Во разговор за БиБиСи, Грнчаров раскажал приказна која што дополнително го потресла тенискиот свет: Тој пред извесно време се разбудил од кома и се спремал да блесне на АТП турот!

По тој разговор, медиумите во САД и Британија пишувале за чудесниот опоравок и брзо враќање во светот на професионализмот на 20-годишниот Македонец Дарко Грнчаров.

До тоа ниво што дури и Серена Вилијамс, најтрофејната тенисерка на сите времиња го заследила на Твитер и наводно му пратила директна порака. Еден Џејмс Блејк, кој пред неколку сезони беше во машкиот Топ10 и репрезентативец на САД а сега коментатор, напишал дека се надева дека ќе коментира дузина големи натпревари на Дарко.

Грнчаров тука не застанал. Објавил дека гигантот Адидас му понудил спонзорство а компанијата му твитнала: „Добредојде во семејството, Дарко.“ (твитот подоцна е избришан).

. Гигантот кој произведува рекети, компанијата Wilson наводно исто го спонзорирала.

Ако Грнчаров е толку добар за да биде светски познат, тоа е поради многу приказни коишто самиот ги измислил. Американците сега пишуваат дека тој станал кралот на лажните вести од земјата која што го помогнала феноменот на fake news. Но Дарко Грнчаров смислено го правел сето ова. Во Македонија постои реална личност со тоа име и презиме кој играл аматерски тенис. Тоа лажгото го искористил за да се промовира себеси. Авторот на овој текст од порталот Slate, Бен Ротенберг нашол повеќе од 200 акаунти посветени исклучиво на Грнчаров за кои тврди дека се бот профили.

Во недостиг на фотографии од измислените турнири на кои наводно учествувал, Дарко крадел слики и видеа од Камерон Хенриси Триголос, млад шпански тенисер.

Во декември 2014. година, веб страница од Струмица, неговиот роден град, пишала за успешен настап на Грнчаров во Амстердам. Наводно играл на турнирот во "Tennisclub Kattenlaan", место кое навистина постои, но никаде нема никаква снимка од тој турнир или од настапите на Грнчаров.

Наводно тој победил против двајца протинвиците на турнирот, Белгијците Ксандер Вајс и Јанс Клемент: никаде на ниту една ранг листа не постојат вакви тенисери.

„Ниту еден тенисер од мојата земја никогаш во живот не го видел него ниту пак го видел како игра тенис“, рекол Томислав Јотовски, македонскиот тенисер кој во моментов е 546. на ранг листата и наш најдобро рангиран тенисер. Бесир Дургути, кој во моментов е 1.825. во светот вели дека Грнчаров фрлил сенка врз реалните проблеми со кои се соочуваат реалните македонски тенисери - како што е потребата од повеќе турнири и национален тренинг центар.

Во полуфиналето „играл“ против Данецот Бенџамин Ханештад кој за разлика од двајцава горе бил високо рангиран јуниор и сега игра за Државниот универзитет Ариозна.

Ханештад таа недела не бил ни близу Амстердам, напротив Меѓународната тениска федерација покажува дека тој во тој период играл на елитниот турнир на Флорида. И таа недела, и таа пред неа. Целата слика Грнчаров ја зачинил и со едно гостување на телевизиски канал во Струмица каде покажал трофеј кој го освоил во тенисот.

Водителот и домаќин на емисијата во која гостувал подоцна напишал соопштение дека Грнчаров „му дал интервју и додека го слушал, нешто не му било јасно“: ’Зборуваше многу чудно и нејасно за тенисот, избегнуваше специфични прашања за турнирот“.

Интересно е што голем број сајтови од земјава "се упецаа" на лажните вести за Дарко Грнчаров и ја пренесуваа "сензационалната" вест за дечкото кое се буди од кома и блеснува на големи турнири.

Пет месеци по „фамозниот“ непостоечки турнир во Холандија, Грнчаров наводно се појавил на јуниорски турнир Подгорица Опен 2015 во Црна Гора. Таму „изгубил“ 6-0 6-0 во првата рунда од квалификантот Никола Вукотиќ, играч кој победил само на еден меч во седумгодишна јуниорска тениска кариера. Кога го нашле на Фејсбук, Вукотиќ рекол дека резултатот од мечот со Македонецот кажува за квалитетот на противникот, иако тој во целост не се сеќава на детали од тој меч.

Новинарот Александар Бојаџиски кој пишува за спорт на порталот Струмица Денес и кој постирал две статии базирани на информации кои ги добил од Грнчаров, сфатил дека резултатите што му ги пратил лажниот тенисер биле фејк кога проверил на веб сајтот на ITF (Меѓународната тениска федерација).

„Турнирот во Египет беше најголем проблем за мене. Тој ми прати вести, а кога проверив немаше ништо. Им кажав на моите колеги никогаш веќе да не постираат ништо за него“.

Дарко Грнчаров тука не застанувал во намерата да „напредува“ на светската ранг листа па така две години подоцна на професионален турнир во Египет добил вајлд-карта. Турнирот требал да се игра во Шарм ел-Шеик, но Грнчаров го откажал мечот уште пред да започне. Тоа откажување е единствено кое му стои на неговиот професионален ITF профил што значи дека никогаш не бил во ждрепката за некој друг турнир.

И покрај тоа што Египет „не го видел“ ни на карта, Грнчаров навел некои домашни медиуми да пишуваат за неговите триумфи. Струмица Денес објавила статии за неговите победи против Леонид Авраменко од Русија и Елмар Ејуповиќ од Германија.

Тие се реални играчи, постојат, но никогаш во кариерата не играле против Грнчаров. Ејуповиќ играл на турнирот во Египет и изгубил во првото коло од Јури Сиромотолов Нетребина од Шпанија. Авраменко, пак, воопшто не дошол на турнирот во Египет а не играл никаде од февруари до јуни 2017-та.

Via