Мирјана Лучиќ-Барони

Животната драма на хрватската тенисерка која прави чуда на Гренд Слем

Цели 10 години трпела неподнослива тортура од татко ѝ кој физички и психички ја малтретирал. Со помош на Иванишевиќ бега во САД каде работи на благајна и сонува да му се врати на тенисот.

Мирјана Лучиќ-Барони е хит на Гренд Слемот Австралија Опен, а нејзините подвизи доаѓаат паралелно со приказната за тажното детство во кое татко ѝ Маринко ги малтретирал неа и мајка и Анѓелка и им се заканувал дека ќе ги убие.

Професионална тенисерка Мирјана Лучиќ решила да стане кога имала само 8 години. Тогаш го гледала големото финале на Ролан Гарос меѓу Моника Селеш и Штефи Граф и одлучила што сака да биде во животот.

Својот прв тениски рекет го добила во времето кога девојките најчесто добивале кукли или играле ластик.

На 14 години освоила два јуниорски турнири на Гренд Слем, а во 1997 година на 15 години дебитирала на големиот УС Опен. Таму стигнала дури до третото коло каде во три сета тесно загубила од третата светска тенисерка во тоа време Јана Новотна (во вториот сет Мирјана водела 1:4 и имала 15:40). Сево ова на само 15 години.

Во 1996. година Мирјана во дубл со Мартина Хингис го освоила првиот Австралија Опен (Хингис тогаш имала 17, а Лучиќ 15). На славниот Вимблдон дебитирала на 16 години и таму во второто коло изгубила од друга 16-годишна тенисерка, денес најдобрата на светот Серена Вилијамс.

Кон крајот на 1998. година Мирјана освоила две титули, во хрватскиот Бол а загубила една финале, во Стразбур од Штефи Граф. Во 1999. година Хрватката стигнала до најголемиот успех во кариерата кога дошла до полуфиналето на Вимблдон (на патот до полуфинале ја совладала и Моника Селеш) а таму загубила од Штефи Граф.

 

„Малава еден ден ќе владее со светскиот тенис, памтете што ви зборувам“, рекла Граф после пласманот во финале.

Лучиќ тогаш имала само 18 години но животот надвор од тениските терени ѝ бил ужасно тежок.

Тортура и насилство од татко ѝ

Својот најдобар резултат на Гренд Слемовите, Лучиќ го имала кога во 1998. година со мајка и, двајцата браќа и двете сестри побегнала во САД. Побегнала од таткото-тиранин кој и бил и тренер.

Кога неодамна некој новинар во интервју ја прашал дали е во ред да зборуваат за татко и Маринко, таа рекла подобро да не зборува за тоа. Насмевката на нејзиното лице за успесите ја заменил изразот на тага и болка. А на УС Опен 2014 кога некој новинар ја прашал да го прокоментира својот пат, Лучиќ заплакала.

Нејзиниот татко уште не признавал дека психички и физички ја малтретирал ќерка му, туку велел дека „пар шамари за лошото поведение биле корисни“.

Мирјана Лучиќ во една прилика зборувала за систематското насилство и понижување кое го трпела од татко и а тоа траело пеколни 10 години. Во времето кога добила азил во САД и бил дијагностициран пост-трауматски стрес.

Во Америка избегала во пресрет на Вимблдон 1998. година

Наместо да завладее со светскиот тенис, Мирјана на Флорида во САД работела како благајничка со цел да го прехрани семејството.

Неколку дена пред почетокот на Вимблдон, татко и Маринко ѝ се заканил дека ќе ја убие мајка и на лице место и тоа ја прелило чашата. Мајка и ги земала децата, а набрзо го сретнале Горан Иванишевиќ на кој му прераскажале што се случувало со години во нивната куќа. Горан ги сослушал и решил да им помогне.

„Горан тогаш ми го спаси животот. Никогаш нема да му го заборавам тоа“, изјави Мирјана Лучиќ во исповед за австралиските новинари.

Додека Мирјана со мајка и браќата и сестрите била во сигурната куќа во Хрватска, никој не знаел што се случува. Никој не посомневал ниту кога Лучиќ откажала важен меч од ФЕД купот наводно поради повреда.

„Треба да се има среќа и помош „од горе“, но ако некој го заслужува тоа, тоа сигурно е Мирјана“, изјави Иванишевиќ кој откри дека не видел како татко и Маринко физички ја злоставува, но дека бил сведок на неколку жестоки вербални напади.

Во потресната исповед пред новинарите во Австралија, Мирјана открила и како татко и Маринко се колнел дека ќе ѝ ја уништи кариерата и ќе ја присили да му се врати, но тој за неа веќе не постоел. Кажала и како и земал се освен заработените 23.000 долари.

Мирјана Лучиќ-Барони

„Најлошо од се е што воопшто не му беше жал ниту пак се каеше за се што ни направи. Тој е уверен дека неговите дела беа оправдани“, додава Мирјана.

Првпат се преплашила кога татко ѝ силно ја удрил и ја турнал во када каде 40 минути ја тепал затоа што изгубила во полуфиналето на еден јуниорски турнир.

„Сега имам благословено семејство“, низ солзи раскажа Мирјана која добива громогласни аплаузи и овации на секој меч.

Долго враќање на теренот

Без тенисот, Мирјана Лучиќ-Барони (презимето Барони е од нејзиниот сопруг, американскиот Италијанец Даниеле Барони) била тажна и тогаш ги поминувала најтешките моменти од животот. Продолжила да тренира дома и да игра со своите браќа кои сега работат како тренери во Конектикат.

Својот пат назад на теренот Лучиќ го почнала од самото дно. Во 2008. година играла полу-професионални турнири колку да се врати во игра. На својот прв турнир после враќањето заработила 68 долари.

„Тие што мислат дека ние водиме гламурозен живот и дека имаме големи заработки треба да зборуваат со мене. На овие мали турнири нема деца да трчаат по топчињата, нема судии. Се е организирано аматерски. Ти плаќаат 55 долари за меч, така што тоа не е ништо“, раскажувала тогаш Хрватката.

И покрај фактот што, по нејзини зборови, никој не и помогнал и не и давал wild card, таа успеала да се врати во главниот АТП тур и продолжила да поставува рекорди (овојпат не како најмлада). Во 2014-та во Квебек ја освоила првата титула после 16 години, во финалето ја совладала Венус Вилијамс (тогаш во Канада добила солидна награда).

Денес Мирјана има 34 години и е меѓу топ-тенисерките на Гренд Слемовите. Во 2015-та лесно ја победи Симона Халеп на УС Опен, а годинава во Мелбурн прави чуда. Веќе ја прати дома третата светска тенисерка Ањешка Радванска.

Во четвртфиналето ја победи петтата светска тенисерка Каролина Плишкова (21) со 6:4;6:2 и сега во полуфиналето ќе го има најтешкиот противник, некогашната ривалка од детството, Серена Вилијамс (2 на ранг листа). Другиот полуфинален пат го сочинуваат Американките Коко Вадевеге и Венус Вилијамс.

Мирјана Лучиќ-Барони е морален победник на Австралија Опен и сигурно инспиративна тема за некој иден игран филм.