На Олимписките Игри во Токио има репрезентација на бегалци, претставена од спортисти од Авганистан, Сирија, Конго, Еритреја, Венецуела, Судан, Јужен Судан, Камерун, Иран и Ирак кои се сместени во 13 различни земји.
Секој од нив има свој тежок пат и историја на борба низ животот.
ВЕЛОСИПЕДИСТКА СОНУВАЛА ДА НАСТАПУВА ЗА АВГАНИСТАН, НО ВО ТАТКОВИНАТА ЈА НАВРЕДУВАЛЕ И КАМЕНУВАЛЕ
Масома Али Зада е родена во Авганистан пред 25 години. Кога имала само една година семејството пребегало во Иран за подобар живот, а таму таткото ги научил неа и нејзината сестра да возат велосипеди.
На 10 години Масома се враќа со семејството во Авганистан, продолжува да тренира и вози велосипед за трки, но таму се среќава со заостанатост на локалните мештани.
Сега живее во Франција.
„Многу беше тешко да се вози велосипед во спортска опрема. Многу луѓе не спречуваа, ни се закануваа, не навредуваа, дури и фрлаа камења по нас. Во тоа гледаа противречност на нашата култура и религија. Просто чудно им беше првпат да гледаат жена на точак“, се сеќава Али Зада од Авганистан.
Таа во Токио летово завршила последна на индивидуалната трка, но не се разочарала.
„Учествував на Олимписки Игри и веќе сум победила. Мојата порака е за луѓето кои мислат дека жените немаат права да возат велосипед и на сите оние кои им ограничуваат права на жените. Ако не ни ги давате нашите права, ќе се бориме да го добиеме“, вели таа по настапот во Токио.
„Сакав да настапувам за својата земја, но поради статусот бегалец немав таква можност. Сеедно, среќна сум што претставувам екипа од 82 милиони луѓе (толку е пресметан бројот на бегалци во целиот свет). Тие се наоѓаат во нови земји, во нови култури, со нови луѓе. Се надевам дека посветено ќе работат, учат, ќе се занимаваат со спорт и ќе шират позитива во околината“, додава Масома Али Зада
ПЛИВАЧКА ОД СИРИЈА НАПРАВИЛА НЕВЕРОЈАТЕН ХЕРОЈСКИ ПОДВИГ КОГА НА ОТВОРЕНО МОРЕ СПАСИЛА 18 БЕГАЛЦИ
Знаменосецот на репрезентацијата на бегалците - пливачката Јусра Мардини учествува веќе на втора Олимпијада во животот. На 18 години таа се спасила од сигурна смрт: во време на граѓанската војна во Сирија нејзиниот дом бил разрушен па Јусра Мардини со сестра и Сара избегала од Дамаск преку Бејрут во Истанбул и Измир. Во Турција се договориле со некои луѓе со гумени чамци да ги префрлат до Грција, но наместо 8 луѓе во еден момент се качиле дури 20 па чамецот на отворено Егејско море почнал да тоне.
Од сите нив паника не кренале само сестрите Јусра, Сара и уште една девојка. Три часа тие пливале со чамецот на кој биле 17 луѓе до островот Лезбос и ги спасиле сите присутни.
„Јас сум пливачка, срамно би било јас да се давам. Кога пливавме ми беше многу тешко: ги гледаш островите, гледаш светла на нив, ама никако не можеш да стигнеш до таму. Сакаш да плачеш а не можеш, сакаш да јадеш и пиеш, ама невозможно е, во вода си. Чувствуваш само сол дури до коски. Не смееш да ги опуштиш рацете зошто носиш одговорност не само за себе. Важно беше да не се губи надеж и да се продолжи со пливање“, ја раскажува страшната и потресна епизода Јусра.
Јусра Мардини сега живее во Германија. На Олимписките Игри 2016 во Рио таа на сто метри пеперутка испливала подобро од четири натпреварувачки и од 45 учеснички била 41-ва. Во Токио го подобрила своето време (1:06.78 за разлка од 1:09.21 во Рио), но конкуренцијата била силна и таа завршила на последното 33 место.
Но таа веќе ја остварила најголемата победа во животот.