Историска хокеарска сензација на Светско првенство: Данска ја урна велесилата Канада

Во шокантна завршница на дуелот од четвртфинале на Светско првенство кое се игра во Данска и Шведска, меѓу домашната Данска и големата хокеарска велесила Канада, Данците остварија сензационален триумф со 2-1 со два постигнати гола во последните три минути од мечот.

Данските хокеари во четвртфинале дојдоа по голема среќа во групната фаза кога на пенали едвај триумфираа над Германија. Во четвртфинале им падна Канада а коефицентите пред мечот (1.15 за Канаѓаните и преку 18.00 за Данска) говореа кој е кој и што е што.

Но спортот во целина е убав од причина што не секогаш фаворитот победува. Пред повеќе од 10.500 навивачи во данскиот град Хернинг Канада прва дојде во предност со голот на Трејвис Санхајм од Филаделфија од НХЛ лигата ВО 45:17 минута.

Данците првин го шокираа ривалот преку Николај Елерс во 57:43 минута а Ник Олесен од клубот Чешке Будејовице со прекрасен гол донесе сензационална победа за Данска на 49 секунди пред крајот од мечот! Асистент и на двата гола беше Патрик Расел кој е и јунак од сенка на овој историски меч.

Во салата сите славеа френетично а Канаѓаните кој беа најголем фаворит за злато не веруваа што ги снашло.

Сега Данска во полуфинале ќе игра против Швајцарија која во четвртфинале ја разби соседна Австрија со 6:0 (3:0, 2:0, 1:0). Полуфиналето ќе се игра во „Авичи Арена“ во Стокхолм.

Во меѓувреме САД ја совладаа Финска 5:2 а Чешка ја совлада Шведска со ист резултат 5:2 и во полуфинале ќе играат САД со Чесите.

Полуфуиналните дуели се на програма во сабота: Шведска - САД (14:20 часот) и Швајцарија - Данска (18:00 часот). Големото финале и мечот за трето место е закажано за недела.

23 мај 2025 - 10:32