Федерика Брињоне испиша нова страница во италијанската скијачка историја, освојувајќи златен медал во супервелеслалом на Зимските олимписки игри во Кортина и Милано.
Италијанката направи неверојатен камбек по тешката повреда лани во април кога ја скрши ногата и блесна со страшен настап.
Брињоне заврши со време од 1:23.41, 0.41 секунди пред Французинката Ромен Мирадоли, која го освои сребрениот медал. Бронзата ја освои Австријката Корнелија Хитер, која задоцни 0,52 секунди зад победничката.
Трката долга 2.105 метри ја одбележаа голем број излетувања. Од вкупно 43 натпреварувачки, дури 17 не успеаја да стигнат до целта.
Најпроблематичен беше средишниот дел од патеката, каде што падна Американката Бризи Џонсон. Актуелната олимписка шампионка во спуст закачи врата и со голема брзина удри во заштитната ограда.
За Брињоне ова е прво олимписко злато. Во Пекинг 2022 освои сребро во велеслалом и бронза во комбинација, а бронзен медал има и од Пјонгчанг 2018 во велеслалом.