Голем и убедлив триумф на Рафа Надал за 14-та титула на Ролан Гарос

Шпанскиот ас од 2005-та година со кратки прекини е асполутен владетел во Париз. Денес ја освои рекордната 14. титула на Ролан Гарос на севкупно 18 настапи со што влегува во вечноста. Во големото финале Рафа го декласираше младиот Норвежанец Каспер Руд со 3:0 во сетови (6:3, 6:3, 6:0).

Рафаел Надал ја оправда големата фаворитска улога и попладнево во Булоњската шума го растури младиот Руд, новата светска тениска надеж кој благодарение на поволната ждрепка успеа да стигне до големото финале.

Да се игра со Шпанецот на земјената подлога на Ролан Гарос е најтешката задача во тенисот. Во последните 20 години тоа им појде на рака само на Новак Ѓоковиќ два пати и еднаш сензационално на Швеѓанецот Робин Содерлинг.

„Бикот од Мајорка“ има застрашувачки учинок со 112 победи и само 3 порази на Ролан Гарос!

Во четвртфиналето Рафа го совлада најголемиот ривал Новак Ѓоковиќ, а во полуфинале Александар Зверев го предаде мечот поради тешка повреда на стопалото.

Рафа сега има рекордни 22. Гренд Слем титули и веќе им избега на Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ кои имаат по 20. Србинот ќе се обиде преку Вимблдон а подоцна и на УС Опен (доколку добие право да настапи невакциниран) да го стигне големиот Рафа.

Самиот финален дуел на култниот стадион „Филип Шатрие“ во предградието на Париз попладнево повеќе личеше на меч од првата недела од Грен Слемот отколку битка за вредната титула пред околу 15.000 гледачи.

Надал првите два сета ги доби апсолутно рутински без никаква шанса на Норвежанецот Каспер Руд да направи изненадување а во решавачкиот трет „бикот од Мајорка“ играше како во транс го остави младиот тенисер на 0.

Рафа имаше дури 37 винери и само 18 неизнудени грешки. Шпанецот се избори и за дури 16 брејк шанси од кои искористи пола. Интересно во вториот сет Руд водеше 1:3 но Надал направи страшна серија од 11 гемови по ред и заслужено е повторно владетел на Ролан Гарос.

5 јуни 2022 - 17:54