Ѓоковиќ на 38 години ќе ви покаже како се враќа на сервис

Сакавме уште во наслов да напишеме „ритрн“, ама ќе има лајачи на ФБ, дека не сме пишувале на македонски. А ритрн е и никако поинаку со тениски речник. Ѓоковиќ е на три меча до 25-ти Гренд слем во кариерата.

Во осминафиналето на УС опен, Новак Ѓоковиќ го елиминираше Германецот Јан-Ленард Штруф без загубен сет со 6-3, 6-3, 6-2.

Со овој триумф тој сезонава успеа да стигне до четвртфинале на сите четири Гренд слем турнири.

Со тоа стана и рекордер на кој му успеало тоа во 9 сезони: Секоја сезона во периодот 2010-2015, а потоа во 2021-ва, 2023-та и 2025-та. 

На Федерер му успеало да стане четвртфиналист на сите Гренд слем турнири во 8 сезони, а на Рафа Надал во 5.

И не само тоа. Новак е најстар тенисер во историјата кој ги наредил во низа овие четвртфиналиња. Знаете кој е втор? Новак. А трет? Новак.

За него ова е вкупно 64-то слем четвртфинале, каде противник ќе му биде Тејлор Фриц.

 
1 септември 2025 - 13:15