Ѓоковиќ ја прекина соработката со Мареј

Добрите другари и стари познаници од тениските терени пред почетокот на 2025-та се договорија за соработка со тоа што Енди Мареј се приклучи на стручниот штаб на Новак Ѓоковиќ. Но Ноле се уште не стигна до својот јубилеен 100. трофеј во кариерата, испадна рано на неколку турнири по ред па реши да ја прекине соработката со Мареј.

Новак го предаде полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија поради повреда на мускулот. Потоа изгуби во првото коло на турнирот во Доха, па во второ коло на Индијан Велс а потоа и во полуфинале на АТП Мајами.

Новак Ѓоковиќ слабо ја отвори и сезоната на земјена подлога, испадна во 2. коло на турнирите во Монте Карло и Мадрид, а во меѓувреме реши да се откаже од настап во Рим.

Новак Ѓоковиќ на својот официјален профил на друштвената мрежа Х јавно му се заблагодари на Мареј.

„Ти благодарам, тренеру Енди за сета напорна работа, забава и поддршка во последните шест месеци на и надвор од теренот. Навистина уживав во продлабочување на нашето заедничко пријателство“, напишал Новак.

Ѓоковиќ деновиве е во родниот Белград каде се спрема за турнири во Швајцарија и Франција. Тој ќе игра на турнирот во Женева од 18-ти до 24-ти мај каде добил специјална покана и каде ќе ја крева формата за Гренд Слемот Ролан Гарос кој се игра од 25-ти мај до 8-ми јуни.

13 мај 2025 - 11:45