Нико Розберг и Луис Хамилтон во Будимпешта допатуваа со голема предност во однос на фаворитите.
Пријатно изненадување досега е Вилијамс, пред сè благодарение на одличниот Финец, Валтери Ботас. Добра година имаат и во Ред Бул.
Ферари е зад нив, а Мекларен вози полоша сезона од минатата.
На претходната трка во Хокенхајм, Нико Розберг од Мерцедес ја зголеми предноста и Германецот сега има 14 поени предност во однос на неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, кој во Германија возеше одлично.
Општа констатација е дека Мерцедес ќе стигне до шампионскиот пехар, непознаница останува кој од двајцата пилоти ќе биде прв на крајот. На предстојниот Хунгароринг извесно е, за првото место ќе војуваат Хамилтон и Розберг, главни фаворити на трката во Унгарија.
Британецот е во добри односи со патеката, особено ако се знае дека триумфираше дури 4 пати во последните 7 години. Податок што го промовира Хамилтон за фаворит број 1 овој викенд.
Розберг неодамна го продолжи договорот, а тим менаџерот на Мерцедес, Тото Волф изјави дека се многу близу до договор и продолжување на соработката со Хамилтон.
Вториот во генералниот пласман, тимот на Ред Бул има нешто побледа сезона, а актуелниот шампион, Себастијан Фетел никако да ја достигне формата од минатата година.
Досега сезонава само два пати беше на подиумот како третопласиран, а дури три пати се откажа од трките.
Очигледно е дека Фетел е во сенка на Даниел Ричардо, пилотот кој вози одлична полу – сезона. Германецот е на 5 - то место во генералниот пласман, а Ричардо е трет со 23 бода повеќе од Фетел.
Што се однесува до Вилијамс, британскиот тим лани освои само 5 бодови, а годинава досега Вилијамс собра 121 бод и се наоѓа на 3. место во генералниот пласман, а тајната за овој успех лежи во моторот на Мерцедес.