Тери Едвардс правел бесни чекори низ собата и чекал што ќе му каже жена му која зборувала на телефон. Бил растроен и нервозен зошто се зборувало за неговите деца бељаџии кои отишле до предградието.
Малата Елизабет стоела на страна, гризела нокти зошто сфатила дека браќата пак зезнале работа.
„Што направиле сега“?, нестрпливо прашал Тери кога Џанет спуштила слушалка. - Им паднале вреќи со цемент и се искинале. Скршиле прозор додека играле крикет и поради тоа ги истепале. Аман веќе од непријатности! Цел живот мир немам од нив каде и да одат прават проблеми, па сега и во болница!“, викала Џанет.
- Мамо кажи што било со нив, остави сега тоа!, ѝ рекла Елизабет.
Џанет земала длабок здив и откопчала неколку копчиња. Имала подочници зошто многу време работела. Да растеш три деца не е проста задача. Особено не кога мажот не е милионер, туку ѕидар од петто колено.
„Еди многу го удрил коленото кое го повреди на фудбал. Данкан отишол со него во болница после тоа“, рекла Џанет. - Па тие повеќе време поминуваат во болница отколку дома. Ги сакам, мои се, ама памет немаат. Дај ми апче“, викал татко им Тери.
За тоа време Еди лежел во болнички кревет и се смеел со брат му кој бил потресен поради отокот на коленото и инфекцијата на Еди.
„Мене повеќе ме нервира кривово чело отколку тоа проклето колено. Се навикнав на болки веќе. Докторите велат дека ќе лежам подолго време, и што? Ги знам тука сите медицински сестри, ќе се дружам со нив“.
- Уште си мал, му рекла една од болничарките. Кога ќе пораснеш, тогаш ќе видиме. Цел живот растеш на улица а не дома. Докторите ни се веќе уморни од тебе и Данкан. Кога ќе ви дојде памет?
Браќата љубопитно гледале кога младата сестра излегла од собата. Кога затворила врата, Еди му рекол на брат му: „Кога сестра Дороти со големите цицки му мери пулс на пациентот, него му се крена притисок. Не те зезам, жива вистина!
- Што си видел па и ти без наочари?, го прашал Данкан брат му кој одново ги скршил очилата.
***
По некое време Еди дошол дома и брзо ја скршил касичката-прасе. Во школо се собирала екипа да оди во Италија на скијање. Еди долго време одел со татко му на објекти, мешал малтер, цемент, лепел плакати и чистел простории. Сонувал да собере пари за да оди на скијање. Коленото веќе не го болело и веќе можел да се занимава со спорт.
Кога видел дека собрал убава паричка, Еди отишол во продавница за зимска опрема зошто немал ништо за патот во Италија.
„Ти стварно си решил да станеш скијач“, го прашала Елизабет брат и во собата. -Не обичен скијач, туку скијачки скокач. Тоа се оние со костими и шлемови. Супехерои“, ја исправил Еди.
Неколку дена Еди стоел горе на високите ридови и сфатил дека може да избере и не толку опасна висина за скок. Но школскиот тренер го поттурнал со скиите и Еди замавнал со рацете и тргнал надоле. Ветерот му влегол во ушите и за неколку минути Еди се нашол на земја и плукал снег. Секој ден постојано паѓал но со тек на време станал еден од најдобрите меѓу учениците.
Кога се вратил дома, се исправил пред Тери:
„Тато, јас решив да станам скијачки скокач. Запиши ме во Gloucester sky center, те молам“, му рекол малиот Еди на татко му кој се насмеал.
- Сфаќам дека ме дриблаш. Ќе работиш ѕидар како мене, како татко ми, како дедо ми. Ние сме потомци на страшни ѕидари. А скијањето може да ти биде хоби, му рекол татко му.
***
Со денови се пакувал за да оди некаде во Европа каде има совршени скијачки скокалници. Сите пари кои ги зараотил ги потрошил на опрема и на ситници - спремен бил да ризикува за да го оствари сонот.
На Зимските Олимписки Игри 1984-та во Сараево се собрале најдобрите скокачи на времето. Притоа Мајкл Едвардс - Еди бил еден од кандидатите во репрезентацијата на Велика Британија која немала ниту еден скокач. Но немал доволно тренинзи и искуство и тренерите го сметале за неспремен.
„Ќе одам на Олимпијада па што сака нека биде“, промрморел Еди кога пак неуспешно го ставал клучот во колата. Едвај запалила но моторот зарибан му угаснал. Тоа бил стариот пикап на мајка му кој Еди го возел низ маалото.
„Може подобро е да останеш? Престанав да се расправам со тебе, но дај послушај ме. Гледаш ни колата не сака да те вози во неизвесност“, му рекол татко му.
Тери запалил цигара и земал голем дим. Го гледал нескладниот син - млад дечко со грдо лице, црвенкаста коса и криво чело. Син му кој вечно правел проблеми, се повредувал и зборувал глупости од кои се срамеле. Но Еди за некое чудо имал добри оценки во школо па Тери многу не се секирал за неговиот интелект. Башка што никој не очекувал Ајнштајн од дете родено во брак на ѕидар и секретарка.
„Татко, скоро ќе го видиш син ти како стои на пиедесталот а убави женски му ставаат медала на врат“, му рекол Еди.
- Каква медала, ти си несмасен. Ќе ти се скршат скиите или ќе пропаднеш под снег. Или ветер ќе те однесе. Лоша карма имаш!, му викал Тери.
Но Еди бил тврдоглав. Иако на Олимпијадата во Сараево отишле други.
***
На голем снег и невреме, обвиткан со шалот од својот омилен Ливерпул Еди стигнал до дестинацијата. Олујата скоро го одувала на снег, но тој упорно се движел против ветрот. Забите му крцкале од студ а усните му смрзнале со иње. Но Еди запнал па запнал иако сфатил дека може да замрзне.
Целиот свет наеднаш му се срушил. Не можел да тренира туку така. Ги потрошил сите пари за опрема и му требал спонзор. Но никој не сакал да има работа со дечкото кој ниту еднаш во живот не бил на официјално натпреварување. А родителите едвај врзувале крај со крај. Платата им стигнувала да се прехранат себе и децата Данкан и Лиза. За некакво финансирање на Еди немало муабет.
Оддеднаш детето кое мислеше дека ќе стане ѕвезда стана наивна карикатура која мечтае за Олимписки медал. Како ќе изгледа во очите на родителите? И онака тие го исмевале секој негов обид во животот. Важел за смешен и глупав.
Единствено нешто што му ја греело надежта била картата за Лејк Плесид (зимски центар кај Њујорк). Еди решил да си даде уште една шанса во Америка.
***
Во Лејк Плесид каде се одржале Зимските Олимписки Игри во 1980 година Еди конечно начекал сонце и снег во исто време. Конечно избегал од австриските бури и невреме.
Кога стигнал, брзо отишол до спортскиот комплекс каде се тренирало на скокалници. Еди бил под просечен талент но цврсто решил да влезе во олимписката репрезентација зошто назад во Челтенам го чекала мешалицата и цементот. Еди бил совршено добар мајстор кој дома поправал секакви ситници, но за скокач не го бивало.
Голтнал пиво и го гледал следниот скокач. Редарот му кажал каде може да го најде тренерот и Еди среќен отишол до вратата каде стоела табла „Менаџер“.
„Здраво! му рекол Еди на човекот со иронична насмевка. Јас сум Еди Едвардс и сакам да скокам од скокалница. Може ли да зборам со тренерот?“ - А јас сум Чак, и сум менаџер и тренер тука. А вицов сум го слушнал веќе, му одговорил Американецот. Зошто сакаш да станеш скијачки скокач?
„Сакам да одам на Олимпијадата во Калгари. Во Британија нема ниеден скокач и шансите ми се големи. Со години се занимавам со скијачки скокови, но снемав пари и прекинав“, искрено признал Еди.
Тренерот Чак веќе се подналутил зошто мислел дека дечкото игра мајтап со него, но Еди сосема чесно зборувал и на крајот го убедил тренерот:
„Чак, добро знам дека ми фалат многу работи, дека не сум доволно спремен, но верувам во себе. Знаете што кажал основачот на Олимпискиот Комитет Пјер де Куберте: „Најважно е да се учествува, а не да се победи. Златни зборови. Велика Британија не ме сметаше за талентиран скокач иако немав ниеден конкурент“.
Чак му дал шлем без ремен и многу големи скијачки чевли: „Да знаеш дека се толку големи што ќе мора да облечеш неколку пара чорапи ако не сакаш да ти испаднат во летот. Сигурен сум дека после првото запознавање со 40-метарската скокалница веќе нема да се видиме. Тренингот почнува утре сабајле“.
Извесно време од животот Еди поминал и во една ментална болница во Финска каде престојувал додека работел на објекти во оваа земја. Немал доволно пари за сместување, па засолниште нашол во душевната болница каде се лечеле повеќе пациенти. Цимер во собата му бил некој човек со сериозно нарушено ментално здравје. Често се случувало да вика, да има шизофрени напади но лекарска екипа брзо го смирувала со седативи.
Паралелно со работата, тренирал и на финските скокалници. По некое време престој во болницата, еднаш го викнале од собата да се јави на рецепција. Го барале на телефон.
„Успеав, успеав! Луѓе успеав!, викал Еди откако ја спуштил слушалката. Ќе ода во Калгари на Олимписките Игри, федерацијата ја одобрила мојата норма! Учесник сум на Олимпијада!, скокал Еди кога лекарот кој му дал седативи на Финецот, го прашал рецепционерот: „Не кажавте дека има уште еден случај?“
- Докторе не сфаќате. Ми поставија услови - на Светскиот Куп да скокнам 70 метри. Успеав, поточно речиси, зошто скокнав 69,5 метри. И го срушив рекордот на Велика Британија. Долго време ја сонувам Олимпијадава. Цел живот паѓав, кршев коски се случуваше и тренерот да ми го намести истегнатиот палец и пак да скокам“, викал воодушевено Еди.
***
Кога стигнал на аеодромот во Калгари, половина час направил гужва кај багажот зошто го немало неговиот куфер. Се испоставило дека му се заглавил зошто бил преширок и пренатрупан. На крај кога лентата му го исфрлила куферот, од него паднале многу работи и расипана умирисана храна.
Еди само го собрал куферот и со девојката Хана се упатил кон излезот. А таму го чекале многу новинари и навивачи на Велика Британија кој скандирале: „Еди, Еди!“.
Кога стигнал во Олимпиското село, Еди се упатил на прес-конференција: „Еди, имате ли некаков ритуал пред настапите?“, го слушнал првото прашање и го земал микрофонот: „Да, секој пат се молам“, одговорил Еди и почуствувал дека на новинарите им се допаѓа неговиот хумор.
„Му се обраќам на Бог. Му велам: ’Допушти ми да го поминам испитов и да останам жив’. Еди многу сакал да зборува со новинарите.
Кога дошол првиот настап, Еди го слушнал сигналот и стигнал до скокалницата. За две години колку што тренирал не можел да развие совршена техника. Кога полетал го почуствувал адреналинот а кога слетал помислил: „Фала му на Бога жив сум“. Погледнал кон трибините кои биле во екстази и викале: Еди! Еди!.
Скоро на семафорот Британецот видел дека ни втор пат не преминал 55 метри.
„Еди, објавија резултати, ти си 58-ми, последно место“ му рекол раководител од прес-службата на репрезентацијата.
Едвард наскоро дознал дека победник е Финецот Мати Никакен, неверојатниот олимписки рекордер кој дента скокнал 118,5 метри.
„На 55 не се докажав, ама на скокалницата од 90 ќе се покажам. Нема да бидам последен втор пат по ред“, помислил Еди.
Во хотелот еднаш седнал да руча со колегите од репрезентацијата, но сите наеднаш станале, се преместиле и му оставиле лист: „Тренирам 20 години за да дојдам на Олимпијада. А ти си дошол ни од каде и ја украде целата моја слава. Губи се од овде или умри“, пишувало на ливчето.
Тогаш Еди отишол на нивната маса и гласно рекол:
„Мислите дека сум кловн кој прави циркус од спортот? Нека појде некој од вас на скокалницата, нека погледне долу и нека проба да не се измоча во гаќи. Мислите дека случајно дојдов. Многу години мечтаев да стигнам на Олимпијада. Сега имам 24 години а пола од нив ги поминав на скии“.
Пред стартот на 90-метарската скокалница во Калгари почнало силно невреме. Ветерот го откажал натпреварувањето за некое време. Еди не се возбудил туку уживал со новинарите кои само од него барале изјави и интервјуа. Бил ѕвезда меѓу навивачите на кои им бил чуден првиот Британец во скијачки скокови.
Кога дошло време за големиот предизвик, Еди скокнал 57,5 метри и станал нов рекордер на цела Велика Британија. Завршил 55-ти но не бил последен. Шампион одново станал летечкиот Финец Мати Никанен.
Еди му честитал на легендарниот Финец кој му рекол: „Ти си многу храбар, позитивен и смешен дечко“.
Еди подоцна не можел да верува во судбината која го снајде Никанен после Калгари. Неверојатниот атлет, идол на многу девојки во светот стана непоправлив алкохоличар. Имал дебело досие во полиција за семејно насилство (ги тепал жените, пет пати се женел). Кога се сеќаваат на него го зборат како четирикратен олимписки шампион кој нападнал со нож човек во пицерија и како спортист кој го обвинија за обид за убиство на семеен пријател.
Во споредба со него, Еди The Eagle Едвардс имал поинаков пат. За него се зборувале на затворањето на Олимписките Игри. Претседателот на комитетот Френк Кинг рекол: „На овие Игри некои од вас освоија злато, некои срушија рекорди, а некои дури и полетаа, како орелот“.
Игрите во Калгари му донеле заработка на Еди од пола милион фунти. Во 2003-та година тој се оженил за радио-водителката Саманта Мортон која му родила две прекрасни девојчиња. На крајот Еди пак станал национален херој, кога ја спасил својата сестра Елизабет од смрт како донор на орган.
Еди имал голема заслуга за популаризација на скијачките скокови па така после Калгари МОК го разработил „правилото Еди Орелот“ според кое скокачите кои претендираат на учество на Олимпијада мора да обезбедат меѓународна норма и да влезат во топ-50 на светската ранг листа.
Но богатството на Еди, како и неговата спортска кариера не биле вечни. Луѓето од фондот кој собирал пари преку него, му ги собрале сите финансии. Еди ги дал на суд и добил само 100.000 фунти па скоро морал да прогласи банкрот.
Бракот со Саманта бил добар, но еднаш кога се вратил од Германија, каде учествувал во улога на мотивационен говорник, дознал дека жена му дала документи за развод. Тоа било најголем удар за него зошто Саманта му ги земала ќерките кои најмногу ги сакал. Го огорчило и тоа што сопругата го обвинила дека немал денар.
Но Еди The Eagle не се жалел над судбината. Му покажал на целиот свет дека што се сака со срце и во што се верува, можно е да се оствари.